Да се навлегува во спорови за јазикот и историјата е непотребно и контрапродуктивно одвлекување на вниманието, всушност затоа и се употребува таа реторика, вниманието на јавноста да се одвлече од пропустите на власта која не си ја врши работата, оценува американскиот професор кој важи за добар познавач на состојбите на Балканот и е соработник во Советот за меѓународни односи во Вашингтон

ЕУ треба да изврши притисок врз Софија во однос на приговорите за влез на Северна Македонија, а со тоа и на Албанија, во Унијата, заради некакви историски прашања. Администрацијата на Бајден ја охрабрувам да продолжи да го истакнува ова, и ја охрабрувам ЕУ, која е најодговорна страна во случајот, да и даде до знаење на Софија дека вакви политички игри се недобредојдени, вели во интервју за МИА професорот Чарлс Купчан од САД, постар соработник во Советот за меѓународни односи во Вашингтон.
Купчан е професор на Универзитет Џорџтаун, и добар познавач на состојбите во постсоветскиот и балканскиот регион. Тој беше ангажиран како советник за европски прашања во Националниот совет за безбедност при администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама.
Зборувајќи за блокадата, според него, за конечно да се решат недоразбирањата со Софија и Северна Македонија и Албанија да започнат преговори за влез во ЕУ, потребно е Бугарија и останатите влади во регионот силно да се посветат на демократски реформи и борба со корупцијата.
„И Бугарија и Северна Македонија треба да завршат огромна работа дома. Да извршат демократски реформи, борба со корупцијата, да се ослободат од економијата на патрони, да го подобрат квалитетот на независните медиуми и многу друго. Бугарија и Северна Македонија, како и другите земји во регионот, треба да го трошат целото свое време и енергија на реформи и привлекување инвестиции за подобрување на животите на нивните граѓани. Да се навлегува во спорови за јазикот и историјата е непотребно и контрапродуктивно одвлекување на вниманието, всушност затоа и се употребува таа реторика, вниманието на јавноста да се одвлече од пропустите на власта која не си ја врши работата. Ги охрабрувам сите влади во регионот, вклучително и онаа на Бугарија, да престанат да играат историски и националистички игри, и да започнат со тешката работа за демократски развој и домашни реформи“,
вели Купчан.
Со оглед на политичката нестабилност во Бугарија некои политичари таму, оценува тој, посегнаа по националистичка реторика и така се позиционираа. Ова, според Купчан, не е за изненадување, посебно на Балканот каде политичкиот натпревар многу често ја засилува националистичката реторика.
„Прашањето за македонскиот јазик и културата, дали јазикот бил западнобугарски или дали е посебен, е дебата која покренува политички одгласот, но тоа прашање е целосно несоодветно и контрапродуктивно. Да се задржуваат приговори за влез на Северна Македонија, а со тоа и на Албанија, во ЕУ, а заради некакви историски прашања?! Таа страна која треба да постави доволен притисок врз Софија всушност е ЕУ. Но треба да бидеме искрени, со оглед на тоа што се случува во такви земји како Полска и Унгарија, Брисел се соочува со тешкотии во дисциплинирање на земјите членки кои заземаат некакви антилиберални или националистички насоки. Администрацијата на Бајден ја охрабрувам да продолжи да го истакнува ова, и ја охрабрувам ЕУ, која е најодговорна страна во случајот, да даде до знаење до Софија дека вакви политички игри се недобредојдени“,
вели професорот.
Тој зборува и за оставката на премиерот Зоран Заев при што вели дека договорот што го направила неговата влада за решавање на спорот со Грција му дава му дава морална обврска на Заев да продолжи со започнатиот курс.
Купчан вели и дека не верува оти Русија стои зад спорот помеѓу Скопје и Атина, но смета дека на Кремељ му одговараат вакви несогласувања.
„Општо земено, шаблонот што го набљудуваме е дека Русија не е секогаш иницијатор на политичките поделби во регионот, но е многу добра во нивна злоупотреба. Ако погледнете што се случува меѓу Србија и Косово, или напорите што Црна Гора ги правеше за влез во НАТО, преговорите за името меѓу Скопје и Атина, сите овие проблеми беа тешки, и Русија беше секогаш спремна да ги направи уште потешки, со употреба на социјалните мрежи, со ставање притисок врз засегнатите страни. Дали сметам дека овие тековни случувања во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија се зготвени од кујната на Кремљ? Најверојатно не. Но, Кремљ несомнено поздравува вакви несогласици бидејќи сака регионот да остане несреден и ставен вон рамнотежа. Русија е за тоа земјите од регионот да не се зачленат во ЕУ бидејќи тоа движење ги носи во цврста западна прегратка. Можеме да се обложиме дека Русија ги експлоатира поделбите, но тие поделби секогаш потекнуваат одвнатре, од дома. Истото може да се каже и за ситуацијата овде во САД. Дали Русија ја предизвика поларизацијата што ја набљудуваме во Америка? Не. Дали таа е многу добра во експлоатирање на поларизацијата и во нејзино засилување? Да“,
вели Купчан.
На прашањето дали ЕУ потфрли со идејата за проширување и сега луѓето ја губат довербата и дали народот во регионот гледа на Русија како алтернатива на ЕУ, професорот посочува дека точно е дека во регионот постои фрутрација и измореност, но не смета дека е пред некоја преломна точна од која се свртува засекогаш кон Русија.
„Сметам дека Русите продолжуваат да бидат спојлери, продолжуваат да се обидуваат да ги држат земјите вон рамнотежа и да ги спречуваат во придружувањето на евроатлантската заедница. Но, јас сум од оние кои веруваат дека оваа приказна ќе заврши добро, дека сите земји од полуостровот, од поранешна Југославија, порано или подоцна ќе се зачленат во ЕУ и НАТО. Прашање е само како ќе дојдеме дотаму и кога. Ако погледнеме наназад во изминатите 20 години, чашата изгледа полунаполнета отколку полупразна. Словенија и Хрватска станаа полноправни членки. Северна Македонија го реши прашањето околу името на земјата. Постојат уште некои нерешени проблеми, како оние со Србија и Косово, ситуацијата во Босна и овој сегашниов со Бугарија и Македонија, но јас не ги гледам овие проблеми како нерешливи, како нешто што постојано ќе го обременуваат регионот“,
вели Купчан.