Кумановското обвинителство заедно со вешти лица и крим-техника ќе ги истражува причините за настанување на пожарот во Основниот суд Куманово. Шефицата на Обвинителството, обвинителката Теута Бедиу Рамадани, рече дека штом се создадат услови ќе се истражат причините бидејќи во објектот сè уште има чад и нема услови да се изврши увид. Таа додава дека се сомневаат дека електричната инсталација е причина за пожарот.

„Првично се сомневаме на електрична инсталација, но увидот ќе покаже кои се причините. Ова е постара зграда. На терен излеговме веднаш по добиената информација и јас и дежурниот обвинител, заедно со претставници од судот од почетокот на избувнување на пожарот. Пожарникарите уште работат. Со екипа на СВР ќе направиме и увид, ќе повикаме и вешти лица, ако е потребно ќе повикаме и други обвинители“,
рече Бедиу.

По избувнување на пожарот рано утринава, Основниот суд во Куманово го посети и претседателот на Судски совет Сашко Георгиев. Тој, како што информираат од Судскиот совет, изразил надеж дека последиците од пожарот ќе бидат санирани што поскоро, а криминалистичките вештачења и преземените истражни дејствија завршени во најкус можен рок за да се откријат причините за несреќата и обемот на направената штета.