Општинскиот штаб на Куманово по денешниот состанок бара од Владата во најитна постапка да донесе мерки и пртоколи за брзо заживување на стопанските субјекти, како хотели, ресторани, кафеани, кафулиња, занаетчиски дуќани, соопштија од Општината.
Помеѓу заклучоците кои се предлагаат по денешниот состанок на штабот е и да се прекине со дезинфекција на возилата на пунктовите на влезот на градот и да продолжат да функционираат само двата пункта кои го поврзуваат Куманово со Општина Липково.
Друг заклучок е и да се прекине со понатамошна превентивна дезинфекција на зградите и таа обврска да се пренесе на приватните субјекти, кои до сега согласно законот се задолжени за грижа и одржување на истите. Исто така се предлага да се прекине со дезинфекција и на јавните простори, а да се продолжи со редовно миење на улиците со натриум хипохлорид.
„Согласно претходните мерки предложени од страна на Владата на РСМ се препорачува на градоначалникот да ги врати во функција сите служби во рамки на Општина Куманово како и во Јавните претпријатија за да се запази функционалноста на општината и потребите на граѓаните“,
пишува во соопштението од штабот.
Уште една препорака до градоначалникот е да се изготви предлог за делумно враќање на градскиот превоз за потребите на стопанството.
