На двајцата велосипедисти им била укажана лекарска помош во Општата болница во Куманово, каде што им биле констатирани телесни повреди
Двајца малолетни велосипедисти од Исланд се здобиле со телесни повреди откако во нив со автомобил удрил 42-годишен кумановец, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Несреќата се случила вчера околу пладне на регионалниот пат Куманово – Свети Николе каде велосипедистите, кои се учесници на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025, се подготвувале за денешната велосипедска трка.
„На 23.07.2025 во 12.09 часот во СВР Куманово било пријавено дека на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, атар на с. Зубовце, кумановско патничко возило ‘фолксваген пасат’ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Н. Б. (42) од Куманово, удрило во двајца малолетни велосипедисти од Исланд, кои се учесници на младинските европски олимписки игри, што се одржуваат во нашата земја и кои се подготвувале за денешната велосипедска трка“,
се вели во информацијата на МВР во денешниот билтен на настани.
На двајцата малолетни велосипедисти им била укажана лекарска помош во Општата болница во Куманово, каде што им биле коснтатирани телесни повреди, додека на местото на несреќата увид извршила екипа на Секторот за внатрешни работи Куманово.
Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025 свечено беше отворен во неделата со дефиле на 50 делегации во Спортскиот центар „Јане Сандански“.
Спортскиот настан, кој е предвидено да трае до крајот на неделата, вклучува натпревари во 15 спортски дисциплини – атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо.
Натпреварите се одржуваат во спортски објекти со меѓународен стандард во Скопје и во Куманово, додека местото на одржување на натпреварите во спортска гимнастика е хрватскиот град Осиек.