Исуфи дал изјава за полицијата која дошла на местото на настанот. Тој вели дека има горчливи искуства со мечките – ова е третпат како доаѓа во близок контакт со нив. Сега прима терапија поради шокот што го преживеал на автопатот
Кумановецот Африм Исуфи во понеделникот вечерта доживеал опасна средба со мечка на автопатот Тетово-Скопје, од која успеал да излезе жив и неповреден по 30-минутна драма, објави порталот на албански јазик „Опен ТВ“.
Исуфи раскажува дека инцидентот се случил на автопатот Тетово-Скопје, во близина на Карпалак, нешто пред полноќ.
„Доаѓав од Гостивар, одев дома во Куманово. Неколку километри откако ја поминав првата наплатна рампа во Тетово, возев со нормална брзина, наеднаш мојот автомобил удри во нешто напред, од десната страна. Потоа, автомобилот лебдеше во воздух и по неколку метри падна на земја. Некако успеав да го сопрам автомобилот среде автопат, а од него излегуваше пареа. Отпрвин помислив дека е некоја дива свиња бидејќи беше нешто многу големо. Излегов од автомобилот и видов големо животно како доаѓа во мојот правец. Беше страшно и ништо не се гледаше. Се исплашив и влегов во автомобилот, кој беше многу оштетен“,
раскажува Исуфи.
Тој успеал да се спаси од мечката затворајќи се во својот автомобил.
„Животното се приближи до мојот автомобил и тогаш видов дека е мечка. Почна да удира силно – од нејзините тупаници, верувајте, автомобилот се тресеше. Не помина многу време, мечката падна наземи. Кога ја видов како паѓа, излегов од автомобилот и ги видов нејзините повреди од судирот. Таа повторно стана и јас пак влегов внатре, тоа траеше 30 минути. Тогаш мечката повторно падна наземи и повеќе не стана, а јас бев спасен“,
вели кумановецот, кој потоа се сликал со угинатото животно.
Исуфи дал изјава за полицијата која дошла на самото место. Тој вели дека има горчливи искуства со мечките – ова е третпат како доаѓа во близок контакт со нив. Сега прима терапија поради шокот што го преживеал на автопатот.