Во рамки на програмата „Култура во време на Корона“ на Град Скопје, вечерва ќе се одржат два концерта – во 19 часот, кај Железничката зграда зад трговскиот центар „Буњаковец“, концерт ќе одржи групата „Љубојна“, а во 20.30 часот „Бонифејс“ ќе има свој настап кај паркот на ул. „Вуковарска“ во населбата Чаир.

Сите настапи ќе биде стримувани на фејсбук-страницата на Град Скопје и на јутјуб-каналот на Град Скопје
Досега 100 уметници беа дел од оваа програма, во чии рамки на над 20 локации во осум скопски општини се одржаа изложби, видеоарт-презентации, перформанси, концерти на солисти и групи, диџеи и состави на класична музика, како и театарски изведби.
Овие настапи се стримувани на фејсбук-страницата и на јутјуб-каналот на Град Скопје и имаа над 400.000 прегледи.
Град Скопје, заедно со градските културни институции, на 13.4.2020 година, објави јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на Корона“. Идејата на повикот е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом.
Сите учесници добиваат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14 500 денари. Повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација.
