Министерството за култура информира дека реализацијата на проектот за целосна реконструкција на покривот, кој во оваа фаза опфаќа вкупно 1 070 квадратни метри, како и на блоковите 3 и 5 од објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“, продолжува и следната година
Министерството за култура одвои 30 милиони денари, односно околу половина милион евра за реконструкција на покривот на Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Институцијата, чиј објект е архитектонско ремек-дело на еден од најзначајните македонски архитекти, неодамна починатиот Петар Муличковски, годинава навршува точно половина век од нејзиното официјално пуштање во употреба.
Министерството за култура информира дека во изминатите два месеца активно се реконструираат три од постојните пет кубуси на покривната конструкција на стариот дел од објектот.
„За оваа неопходна санација и реконструкција на една од најзначајните институции за науката и културата во нашата земја, Министерството за култура досега одвои околу 30 милиони денари. Активностите се одвиваат според планот, и досега се реализирани над 50 проценти од одобрените средства, односно 16 827 443 денари“,
рече министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска која денеска ја посети НУБ.
За време на увидот, директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Рахметула Куќи и министерката Костадиновска-Стојчевска дискутираа и за актуелните предизвици со кои се соочува оваа институција.
Тие го потенцирале повеќедецениското неоправдано запоставување на библиотеката и ги искажале своите заеднички идни заложби, но и заемното задоволство што таквата практика веќе станува минато.
Министерката за култура уште еднаш ја потенцирала својата заложба оваа монументална и значајна институција, која е и една од првите институции основана со одлука на АСНОМ во 1944 година, повторно да го врати својот сјај и да стане водечко збирно место за младите и прогресивни студенти, истражувачи и културни дејци.
Министерството за култура информира дека реализацијата на проектот за целосна реконструкција на покривот, кој во оваа фаза опфаќа вкупно 1 070 квадратни метри, како и на блоковите 3 и 5 од објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“ продолжува и следната година.