Одговарајќи на новинарско прашање во врска иницијативата за референдумот поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Договорот со Бугарија, како и во однос на уставните измени како услов за почеток на преговорите со ЕУ, известувачот на Европарламентот за земјава, Илхан Ќучук, не даде конкретен одговор, но порача дека Западен Балкан треба да се врати кон својот дом – Европа

Нам Европејците ни треба Северна Македонија во ЕУ. На Европската Унија ѝ е потребна Северна Македонија, исто како што на Северна Македонија и е потребна ЕУ. Ова денеска го порача известувачот на Европарламентот за земјава, Илхан Ќучук, во Американскиот универзитет на Европа – ФОН каде што беше прогласен за почесен доктор на науки.
„Северна Македонија свесно го избра патот на добрососедство и пријателство, потпишувајќи го договорот со Бугарија во 2017 година и Договорот од Преспа во 2018 година, со што се отвори патот на земјата кон НАТО и кон Европската Унија. Денес, Северна Македонија е почитувана членка на НАТО и пред само неколку месеци беше отворен нејзиниот пат кон ЕУ“,
рече Ќучук.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска иницијативата за референдумот поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Договорот со Бугарија, како и во однос на уставните измени како услов за почеток на преговорите со ЕУ, Ќучук не даде конкретен одговор, но порача дека Западен Балкан треба да се врати кон својот дом – Европа.
„Ја реализиравте големата цел, да бидете дел од НАТО и на тоа сите се гордееме, затоа што тоа означува пространство на сигурност, на заеднички вредности, сега следува уште еден голем чекор, а тоа е Европската Унија, и сите треба да помагаме со големи напори – и Бугарија и Хрватска и Грција и Романија, тие држави имаат преголемо искуство во пристапниот процес“,
рече Ќучук.
На прашање на новинар од бугарски медиум како гледа на антибугарското расположение присутно на протестите на опозицијата летово, и дали смета дека се уште постои, тој вели дека насекаде има националистички расположенија и оти тоа не води кон иднината.
„Насекаде има такви расположенија многупати сум кажувал дека национализмот го има насекаде, и во Скопје и во Софија, но тоа не води кон иднината, тоа не помага на никого“,
оцени тој.
Осврнувајќи се на соработката меѓу Северна Македонија и Бугарија, тој рече дека двете земји имаат заеднички проекти и во образованието и во културата што ја докажуваат својата успешност и тоа треба да се надградува преку медиумски проекти, со што тоа треба да доведе до заедничко разбирање меѓу двата народа и да се изнаоѓаат различни начини за меѓусебна соработка.
На Ќучук денеска му беше доделена титулата почесен доктор на науки (Doctor Honoris Causa) на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, во рамки на Конференцијата „МКБГ2023: Младите и образованието како клуч за посилно евроатлантско сојузништво“.
