Известувачот за нашата земја во Европскиот парламент, Илхан Ќучук смета дека треба да се организираат фер и демократски избори што е можно побрзо, за државата да може да има функционална Влада која ќе може да понесе одговорност и Парламент, кој ќе може да ја контролира нејзината работа.
Во интервју за МИА, Ќучук вели дека секоја техничка власт е ограничена во својот мандат и во своите надлежности и затоа е најдобро е да има политичка влада која ќе има одговорност пред граѓаните, да презема обврски пред меѓународните партнери и да има коректор во парламентот.
„Без да навлегувам во внатрешните работи, се разбира дека земјата има закони, има устав кои треба да се почитуваат, но гледано од Брисел како известувач за земјата, интерес и на Европската Унија и на Северна Македонија е таа да има избори кои ќе бидат демократски, фер и слободни и кои ќе дадат можност за формирање на Влада што е можно побрзо, за да има и функционален Парламент, кој ќе ги контролира решенијата што ќе ги носи власта. Ние гледаме како ќе се развиваат процесите и врз основа на спроведените избори, Европската комисија ќе излезе со свој извештај, а и ние во Европскиот парламент ќе имаме наша резолуција после извештајот за напредок“,
вели Ќучук за МИА, додавајќи дека преговарачката рамка и извештајот најверојатно нема д абидат во јуни туку подоцна.
Тој не сака да коментира колку е можно да се организираат избори во услови на пандемија, туку истакува дека тоа е политичко прашање, а главен треба да биде интересот на граѓаните и нивното здравје.
