Известувачот на ЕП за С Македонија, во изјава за МИА, оценил дека е речиси извесно оти ќе има нови парламентарни избори во Бугарија, што најверојатно ќе значи и повторно одлагање на официјалниот почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ
Пендаровски попладнево во Брисел имаше средби и со потпретседателот на ЕК Борел и со претседателот на ЕП Сасоли
Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, во изјава за МИА, посочил дека денеска имал добра средба со претседателот Стево Пендаровски и смета дека тој може да се постави како гарант за конструктивност во решавање на спорот со Бугарија.
Како што пренесува МИА, Ќучук оценил дека е речиси извесно оти ќе има нови парламентарни избори во Бугарија, што најверојатно ќе значи и повторно одлагање на официјалниот почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, и покрај повиците на највисоките челници на ЕУ да се даде зелено светло за почеток на преговарачкиот процес до крајот на јуни годинава.
„Не останува време за до крајот на португалското претседателство и треба да бидеме подготвени за тоа сценарио, во овој момент не ми изгледа реално Бугарија да прифати и треба да се работи на тоа да се реши билатералниот проблем, со намалување на националистичката реторика од двете страни“,
вели Ќучук за МИА.
Тој повикал македонските власти да се фокусираат на реформската агенда, која ќе бара напор во наредниот период, како и да вложат во добрососедските односи.
Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент вели дека е свесен оти повторното одлагање на почетокот на преговорите ќе има обесхрабрувачки последици врз јавноста во земјава и дека „иднината е легитимен аргумент“, но оти и „за минатото треба да има разбирање во двете држави“.
Ќучук се надева дека двете страни ќе успеат да ги затоплат односите во наредниот период и повтори дека иднината на земјата е во Европската Унија.
Претседателот Пендаровски денеска остварува низа средби со челници во ЕУ во Брисел, а утрешниот ден ќе го посвети на НАТО, при што ќе се сретне со генералниот секретар Јенс Столтенберг.
На средбата со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел, Пендаровски истакнал дека во изминатиов период Северна Македонија покажа политичка зрелост и максимален фокус во остварувањето на нејзината европска перспектива.

Нагласувајќи дека интеграцијата на Северна Македонија е во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион, Пендаровски, како што соопштуваат од неговиот кабинет, истакнал дека е неопходно Европската Унија дополнително да ја динамизира својата улога, што ќе се одрази позитивно врз севкупните политички процеси, реформската агенда, како и генерално, врз оптимизмот во општествата на земјите од Западен Балкан.
Соговорниците се осврнале и на состојбите во Унијата и кај нас, поврзани со справувањето со ковид-19, како и на процесот на имунизација.
На средбата со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли биле разменети мислења и информации за напредокот на Северна Македонија во клучните реформски области во контекст на евроинтеграцискиот процес, како и за актуелните предизвици наметнати од пандемијата на ковид-19.

Двајцата соговорници ја нагласија исклучително важната континуирана комуникација на нашите институции со Европскиот парламент со што се воспоставуваат цврсти основи за значителен напредок во спроведувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и процесот на интеграција и пристапување во Европската Унија. Изразувајќи задоволство од силната и принципиелна поддршка на ЕП во таа насока, Пендаровски истакнал дека усвојувањето на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во најскоро време, е наш клучен приоритет.