Според бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук, предлогот на француското претседателство е досега најдобар за Бугарија, а во него има доста добри гаранции за решавање на, како што кажа, тешките проблеми од минатото, за отворените стари емотивни прашања, како и за правата на Бугарите. Тие, додаде Ќучук, своите гаранции ќе ги остварат на европски начин
Бугарија станува проблематична земја која ги кочи развојните процеси на ЕУ. Нашето место не треба да е меѓу попречувачите туку во развојниот простор – да поставиме агенда, да наметнеме различни гледишта кои ќе ја направат ЕУ многу поефикасна и тоа да биде во бугарски национален интерес. Една од темите што требаше да ги води Бугарија беше поврзана со проширувањето на ЕУ и како Албанија и Северна Македонија треба да бидат дел од неа.
Ова во интервју за Бугарското национално радио (БНР) го изјави бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук.
Тој е категорично кажа дека не ја поддржува идејата за раздвојување на Северна Македонија и на Албанија на европскиот пат, бидејќи смета дека со тоа дополнително ќе се искомплицира меѓународниот имиџ на Бугарија, но нагласи дека предлогот на француското претседателство е досега најдобар за Бугарија.
„Дали ќе биде усвоен од Софија и Скопје е друго прашање. Дефинитивна грешка беше да се префрли прашањето како врел компир во Народното собрание. Позицијата на Бугарија треба да биде изготвена од Министерскиот совет. Според Уставот, надворешна политика ја води Министерскиот совет, а не Парламентот“,
вели Ќучук.
Европратеникот смета дека доколку Бугарија усвои заеднички став за предлогот за Северна Македонија, политичкиот притисок повеќе нема да биде врз неа, туку ќе се бараат други механизми за да се наметне еден или друг предлог.
„Бугарија ќе има став, бидејќи не може две години да немаме заедничка позиција за ова прашање. Ќе биде големо непочитување кон ЕУ ако нашата земја не излезе со јасен став како гледа на ова прашање. Во предлогот има доста добри гаранции за решавање на тешките проблеми од минатото и за отворените стари емотивни прашања, како и за правата на Бугарите – тие своите гаранции ќе ги остварат на европски начин“,
изјави Ќучук.