Меѓу земји соседи не смее да има ѕидови кои најчесто се идеолошки, историски и политички, а за да се надминат треба да работат двете страни, вели бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за С Македонија
Меѓу земји соседи не смее да има ѕидови кои најчесто се идеолошки, историски и политички, а за да се надминат треба да работат двете страни, вели бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за С Македонија, Илхан Ќучук, во врска со спорот меѓу Софија и Скопје.
За ТВ „Булгариа он ер“, тој изјави дека бугарската страна прави фундаментална грешка мешајќи ги двата договора – Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Северна Македонија.
„Додека Преспанскиот договор става крај на спорот со поделба на историски факти и личности, буквално велејќи дека Република Северна Македонија нема никаква врска со античка Македонија, нашето прашање е многу покомплицирано. Тој го воведува терминот ‘заедничка’, кој поставува ‘други важни прашања’ за нашата заедничка иднина, кои неизбежно мора да бидат поврзани со ЕУ. Две толку блиски земји – Бугарија и Северна Македонија – можат да ги решат сите покренати прашања. Но, излегува дека колку сме поблиску, толку сме подалечни“,
вели Ќучук.
Сепак, тој се надева дека наскоро ќе има решение. За тоа, заедничката историска комисија, чија цел е да реши многу прашања што се релевантни, мора да ја продолжи својата работа. Но, според него, ни политичарите не смеат да го избегнуваат ова прашање, оставајќи го во рацете на историчарите, без оглед колку и да се компетентни.