Запрашан да го коментира однесувањето на неговиот колега европратеник Ангел Џамбаски и за дискусиите во врска со можна забрана за негов влез во Северна Македонија, известувачот за земјава во ЕП рече дека од една страна различните мислења се дел од диверзитетот на Европскиот парламент, но од друга, праша како би реагирала Бугарија во една таква аналогна ситуација
И додека тоа прашање со уставот, со невклучувањето на Бугарите во државотворниот карактер на македонската нација не се случи, тензиите ќе продолжат. Но, ми се чини дека има и други, надворешни фактори, луѓе што не сакаат Бугарија и Северна Македонија да имаат добри односи. Тие се и надворешни, тие се и во Бугарија и во Северна Македонија, за жал, вели Ќучук
Тензиите меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе продолжат се додека не се затвори прашањето за внесување на Бугарите како државотворен народ во македонскиот устав, рече бугарскиот европратеник и известувач за земјава во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, во интервју за бугарската телевизија БТВ.

Како што истакна тој, Бугарија треба да продолжи да инсистира на заштитата на човековите права, бидејќи тоа е во центарот на францускиот предлог, кој е и европски предлог. Сепак, додаде дека влошувањето на односите е поттикнато и од внатрешни и од надворешни сили.
„Ние треба да настојуваме во Северна Македонија да има владеење на правото, што е основен критериум за влегување во Европската Унија. Да има високи демократски стандарди, какви што има кон сопствените граѓани од македонско, албанско, турско, ромско потекло. Тоа апсолутно треба да се однесува и на луѓето што се чувствуваат Бугари. И додека тоа прашање со уставот, со невклучувањето на Бугарите во државотворниот карактер на македонската нација не се случи, тензиите ќе продолжат. Но, ми се чини дека има и други, надворешни фактори, луѓе што не сакаат Бугарија и Северна Македонија да имаат добри односи. Тие се и надворешни, тие се и во Бугарија и во Северна Македонија, за жал“,
нагласи Ќучук.
Тој не именуваше никого, само рече дека тоа се сили што не сакаат Северна Македонија да стане дел од ЕУ и не сакаат Бугарија да има влијание во Унијата.
„Наложувањето на едно вето значи Бугарија да нема пријатели на Балканот и да нема пријатели во Европската Унија. Каде е нашето место во внатрешните односи во ЕУ? Ние веќе 17 години сме дел од таа ЕУ. За жал, нашето ниво на учество опаѓа. Капацитетот на компетентност во рамките на ЕУ, што дава огромни можности, е многу слаб. Има еден индикатор што ги покажува односите на државите – колку тие се активни. Тоа е базирано на БДП, големината на населението… И тука државите се менуваат, од 13. место одат на 11., од 11. одат на 5. Има едно последно 27. место кое што е резервирано за Бугарија. Ние сме секогаш таму. Ние не предлагаме иницијативи, не учествуваме во блокови, не даваме решенија, не одиме со позиции, не го заштитуваме интересот. Тоа се луѓето што не сакаат Бугарија да биде добра со Северна Македонија“,
рече Ќучук.
Запрашан да го коментира однесувањето на неговиот колега европратеник Ангел Џамбаски и за дискусиите во врска со можна забрана за негов влез во Северна Македонија, известувачот рече дека од една страна, различните мислења се дел од диверзитетот на Европскиот парламент, но од друга, праша како би реагирала Бугарија во една таква аналогна ситуација.
„Како ќе реагиравме ако дојдеа два автобуса со граѓани на една наша соседна држава, нема да именувам која, и да речеа – вие немате право на самоопределување, историјата ви е фалсификат, немате национално достоинство, како и да искажуваа одредени претензии? Ќе бевме ли мирни, како држава, како политички елити, како новинари? Ако се мисли дека со една декларација, со остро поведение ние ќе ги решиме односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, длабоко се лажеме. Ние имаме интерес Бугарија и Северна Македонија да немаат ѕидови, да изградат пријателстки екномски, културни, образовни односи. И сето тоа да води до подобро меѓучовечко поврзување“,
додаде Ќучук.
Директен повод за интервјуто, насловено „Нов пожар во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“, беше случајот со претепувањето на секретарот на бугарскиот културен клуб од Охрид, Христијан Пендиков. Прашан дали се согласува со мислењето на претседателот Румен Радев дека станува збор за злосторство од омраза, европратеникот рече дека ситуацијата изгледа така, но додаде дека и двете страни покажале зрелост.
„Системското натрупување на проблемите на луѓето со бугарско етничко самосознание во Република Северна Македонија е многу загрижувачко. Нема спор по тоа. Спорот е по друго – како Бугарија да постапи во овој случај за да не влеземе повторно во ситуација со ставање вето, заканувачки тон од едната страна, реципрочни дејства од другата страна… Тоа што се случи со Христијан е апсолутно непростиво. Европските институции треба да бидат известени и тие беа известени. Бугарија ги направи неопходните дејства. Министерот за надворешни работи го водеше тој процес. Од друга страна, мислам дека македонската страна ја покажа неопходната зрелост, министерот Бујар Османи беше тука и големото прашање е како ќе излеземе од оваа ситуација“,
истакна Ќучук.
