Кучето е на безбедно и ќе му биде обезбедена целосна нега и сѐ што е потребно за неговото опоравување, велат од „Лајка“
Кучето од Крива Паланка кое беше злоставувано и малтретирано од страна на сопственикот, згрижено е во ЈП „Лајка“ во Скопје. Во моментов тоа е безбедно и ќе му биде обезбедена целосна нега и сѐ што е потребно за неговото опоравување, велат од „Лајка“.
„Благодарение на брзата реакција на граѓаните кои веднаш го пријавија случајот, како и интервенцијата на пожарникарите кои го извлекоа од провалијата, инспекторите и ветеринарните служби обезбедија итна грижа и стабилизација. Овој настан е уште еден показател дека системот функционира кога институциите и граѓаните делуваат заедно – брзо, координирано и одговорно. Злоставувањето на животни не е изолиран чин – тоа е сериозен општествен проблем.
велат од ЈП „Лајка“.
Секое злоставување на животни да се пријави веднаш и без исклучок, повикуваат од „Лајка“ и порачуваат дека само со гласна и одлучна реакција може да се заштитат најранливите и да се спречи повторување на насилството.

На социјалните мрежи се ширеше објава на која се гледа како кучето е врзано за автомобил со регистарски таблички од Крива Паланка, кој се движи по пат.
Кучето било фрлено во коритото на Крива Река од каде беше извлечено од страна на пожарникари од Крива Паланка.
МВР соопшти дека насилникот кој го влечеше кучето со возилото е пронајден и против него е поднесена пријава.