Првиот човек на КСЗД посочи дека на претседателските избори во 2019 година е утврдена дискриминација во остварување на гласачкото право врз основа на возраст кај оние лица што наполниле 18 години помеѓу двата изборни круга. Тие, како што посочи, поради одредбите од Изборниот законик, не можеле да бидат запишани во Избирачкиот список помеѓу двата изборни круга, а со тоа им било попречено остварувањето на правото на глас
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) бара да се применат нејзините препораки во насока на измена на Изборниот законик (ИЗ) со цел на сите категории граѓани да им биде овозможено правото на глас на еднаква основа. Претседателот на КСЗД, Игор Јадровски, на денешната прес-конференција изјави дека ИЗ се менувал во овој дел, но дека постои опасност одредени категории на граѓани да бидат исклучени од гласањето.

„Иако изминатиот период Изборниот законик претрпе измени во скратена постапка и постоеше можност за исполнување на препораките на Комисијата, до денес не сме информирани дека се направени измените препорачани од наша страна. Значи, лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата избирачки круга постои опасност да бидат исклучени, лицата коишто се наоѓаат во здравствените установи постои опасност на бидат исклучени, лицата коишто живеат во новиот формат на социјална заштита со поддршка во станбени единици“,
посочи Јадровски.
Говорејќи во оваа насока, првиот човек на КСЗД посочи дека на претседателските избори во 2019 година е утврдена дискриминација во остварување на гласачкото право врз основа на возраст кај оние лица кои наполниле 18 години помеѓу двата изборни круга. Тие, како што вели Јадровски, поради одредбите од Изборниот законик, не можеле да бидат запишани во избирачкиот список помеѓу двата изборни круга, а со тоа им било попречено остварувањето на уставно загарантираното право на глас.
„Стануваше збор за околу 7 000 луѓе кои што не можеа да гласаат, а коишто полнат 18 години помеѓу двата круга на претседателските избори. Тие се стекнуваат со правото на глас согласно член 22 од Уставот за остварување на гласачко право со извршување на 18 години, меѓутоа недостатокот на процес на одредби во законот ги оневозможи да се запишат во избирачкиот список и со тоа да гласаат во вториот круг“,
додава претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Јадровски потсети и на утврдената индиректна повеќекратна дискриминација врз основа на личен статус, возраст, здравствена состојба во областа на остварувањето на избирачкото право кон граѓаните кои за време на изборите се сместени во здравствени установи.
Во однос на препораките за обезбедување пристапност и приспособување на гласачките места, со што ќе се овозможи еднаков пристап на лицата со физичка попреченост, Јадровски вели дека овие мерки треба да обезбедат гласачките процедури, објекти и материјали да се соодветни, пристапни и разбирливи за лицата со попреченост, со цел остварување на правото на учество во јавниот и политичкиот живот.
