Според Обвинителството, постоеле три начини преку кои фирмите на Крмзов извлекувале државни пари преку поврат на ДДВ, а главниот одел преку фиктивна купопродажба на недвижнини меѓу самите фирми. Околу 90 отсто од финансиските злоупотреби биле направени на овој начин
Во истрагата се опфатени и осум државни службеници, поточно инспектори во Управата за јавни приходи (УЈП) кои, според Обвинителството, им овозможиле на фирмите поврзани со Крмзов да добиваат пари од поврат ДДВ, иако документите што биле приложувани во струмичката подружница на УЈП биле лажни
Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов од вчера е во 30-дневен притвор. Предистражната постапка која почна пред девет месеци, односно во септември лани, од вчера влезе во повисока фаза откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) официјално отвори истрага против Крмзов и уште 22 физички лица и 15 фирми за незаконски дејствија од областа на финансискиот криминал со кои државниот буџет е оштетен за околу 90 милиони евра.

Имено, како што беше соопштено од ОЈО ГОКК денеска на брифинг со новинарите, постои основан сомнеж дека фирмите поврзани со Крмзов изготвувале лажна документација со цел преку поврат на ДДВ да извлечат пари од државата.
Вкупната штета кон државниот буџет е околу 90 милиони евра, поради данокот што не бил наплаќан од фирмите за купопродажните договори за недвижен имот, а сумата што фирмите на Крмзов успеале да ја инкасираат преку лажните фактури за поврат на ДДВ изнесува околу 37 милиони евра, односно толку според Обвинителството успеале незаконските да заработат преку кривичните дела што им се ставаат на товар.
Имено, триесет милиони евра, односно 1,8 милијарди денари биле повлечени во готовина од државата преку поврат на ДДВ, а уште околу 7 милиони евра биле наплатени преку пребивање.
А, како што информираа од Обвинителството, тие се осомничени за кривичните дела злосторничко здружување, даночно за затајување и перење пари.
Во истрагата се опфатени и осум државни службеници, поточно инспектори во Управата за јавни приходи (УЈП) кои, според Обвинителството, им овозможиле на фирмите поврзани со Крмзов да добиваат пари од поврат ДДВ, иако документите што биле приложувани во струмичката подружница на УЈП биле лажни.
Тие се осомничени за кривичното дело несовесно работење во служба и за нив се води скратена постапка.
Делата за кои Крмзов, управителите на фирмите поврзани со него и самите приватни лица се осомничени, според Обвинителството, биле сторени во периодот од 2019 до 2024 година, иако, како што беше кажано на брифингот, се остава простор истрагата да се прошири и на поширок период.
„Станува збор за поврзани фирми. Без ваквата поврзаност тие не можеле да ги извршат кривичните дела за кои е отворена истрагата“,
кажа на брифингот обвинителката која го води предметот.
Како што наведе таа, сè е направено со лажна документација меѓу правните лица.
Според Обвинителството, постоеле три начини преку кои фирмите на Крмзов извлекувале државни пари преку поврат на ДДВ, а главниот одел преку фиктивна купопродажба на недвижнини меѓу самите фирми.
Околу 90 отсто од финансиските злоупотреби биле направени на овој начин.
„Делата биле вршени на три начини. Првиот е склучување фиктивни договори за продажба на деловни простории. Две-три деловни простории се продавале по неколку пати меѓу фирмите со 4-5 договори. Се поднесувала даночна пријава и се остварувал поврат на ДДВ“,
рече обвинителката.
Како што појасни таа, фиктивните договори се правеле така што една фирма продавал деловен простор на друга фирма, која барала поврат на ДДВ од државата, иако првата воопшто не го наплатила данокот од купопродажбата бидејќи немало воопшто извршена парична трансакција меѓу двата правни субјекти. Односно, сè било само на хартија.
Според Обвинителството, деловните простории што фирмите си ги продавале меѓу себе достигнувале вртоглави суми кои се движеле од четири илјади евра за квадратен метар, па сè до 20 илјади евра за квадратен метар, без притоа пари да легнат на сметката на фирмата продавач, односно фирмите немале меѓусебни должничко-доверителски односи и сè останувало само на хартија. Фирмата купувач, пак, од своја страна поднесувала документи за поврат на ДДВ кој им бил исплаќан, иако за тоа немало основа, бидејќи не била извршена никаква трансакција од купопродажбата на деловните простории лоцирани во Струмица.

Другиот начин преку кој се барал и бил исплаќан поврат на ДДВ, но во помал обем, бил преку консигнација, односно преку инструментот даночни гаранти, со преземање обврски од други даночни обврзници, односно правни лица меѓу кои не постоеле должничко доверителски односи.
Третиот modus operandi бил преку пријави за уништена градежна механизација.
„Освен преку купопродажни договори за деловен простор, во помал дел од случаите било прикажувано и уништување на градежни машини, иако од градежниот инспекторат било утврдено дека фирмите немаа ниту капацитет ниту депонии за уништување на таков вид механизација“,
беше кажано на денешниот брифинг.
Покрај 23 физички и 15 правни лица, во истрагата осомничени се и сметководители од две фирми кои го воделе сметководството на фирмите поврзани со струмичкиот бизнисмен Крмзов. За нив, како што информира обвинителката што го води случајот, е побарана времена мерка да работат со даночни пријави.
Дополнително во врска со случајот, од Обвинителството информираа дека во предистрагата наишле на даночни пријави кои биле поднесувани од фирми на фиктивни државјани на Косово. Кога истражителите побарале информации од косовските власти, им било кажано дека станува збор за луѓе кои не фигурираат во нивната евиденција.
Инаку, иако фирмите се осомничени за фиктивни зделки и документи, тие сепак имале и реални деловни активности и бизниси.
Одговарајќи на прашање каде завршувале парите од повратот на ДДВ, обвинителката рече дека дел од нив фирмите ги користеле за исплата на плата, плаќање комуналии, се давале заеми и се купувала стока од Кина и од Турција.
Инаку, како што наведе надлежната обвинителка, само диспозитивот од наредбата за поведување истражна постапка е на над 150 страници. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој исто така беше присутен на брифингот, пак, информира дека пописот на документи одземени во текот на постапката е на 2 000 страници.
Коцевски во своето обраќање во најголем дел се задржа на поведените истраги за економски и насилен криминал кои, како што рече, почнуваат да даваат резултати, а се осврна и на употребата на мерката притвор.
„Од оформување на овој предмет трпевме критики во однос на мерките за обезбедување и сакам да разјаснам, дека мерката притвор погрешно се толкува. Критиките беа дека имаме два камиони со докази за човекот, а тој е на слобода. Прво, не може да се одреди притвор во предистражна постапка. Второ, притворот е најстрога мерка за обезбедување присуство, а не казна. Во 2024 година притвор е предложен само за 3,1 проценти од осомничените сторители. Сега кога влегуваме во нова фаза нормално е тие мерки да се ревидираат. Она што како јавен обвинител можам да го ветам е дека сите постапки ќе бидат правични и праведни, но нема да има толерантност во поглед на заднината и поврзаноста на субјектите. Нема да има селективна правда во Јавното обвинителство“,
рече Коцевски.

Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера соопшти дека во соработка со Управата за финансиска полиција и Управата за јавни приходи до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднело кривични пријави против 23 физички и 15 правни лица од Струмица кои се осомничени дека го оштетиле државниот буџет за над 94 милиони евра.
Против Р.К. (Ристо Крмзов н.з.) и уште две лица – З.К.В. (30) и В.П. (29) од Струмица – е поднесена кривична пријава поради сомнение за злосторничко здружување, перење пари и други приноси од казниво дело и даночна измама.
„Против Г.Т. (48), Д.М. (60), П.К. (67), В.К. (26), K.С. (41), К.М. (40), Н.Ф. (43), М.К. (48), М.М. (68), Е.Т. (61) и З.М. (59), сите од Струмица, е поднесена кривична пријава за сторени кривични дела ‘злосторничко здружување’ и ‘даночна измама’, против С.П. (58), С.М. (58), Л.К. (52), Л.Б. (37), С.Т. (66), М.П. (60), Ј.Т. (44), А.К. (35) и Ј.Г. (66), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘несовесно работење во службата’, а против 15 правни лица од Струмица за ‘перење пари и други приноси од казниво дело’ и ‘даночна измама’“,
беше наведено во соопштението на МВР.
Струмичкиот бизнисмен во своите јавни настапи и интервјуа изминатиот период додека траеше предистрагата тврдеше дека е цел на одредени локални моќници кои сакаат да му го преземат бизнисот.