За овој предлог конечниот збор ќе го има Владата на седница која се одржува уште вечерва и одлуката се очекува наскоро

Второто полугодие од учебната година да почне од 1 февруари, предлага Главниот координативен кризен штаб за справување со ковид-пандемијата, соопштија од Владата по седницата на штабот што се одржа вечерва.
„Главниот кризен координативен штаб врз основа на дискусијата донесе заклучок дека во моментот, епидемиолошки земјата се наоѓа во пик, поради кој препорачува да се одложи учебната година до 01 февруари 2022, со предуслов да се упатат силни апели до родителите за строго придржување на мерките за заштита од коронавирусот. Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе известуваат на почест интервал околу следењето на состојбата за да може да се прилагодат препораките доколку се јави потреба“,
велат од Владата.
За овој предлог конечниот збор ќе го има Владата на седница која е во тек и одлуката се очекува наскоро.
Со состанокот на Кризниот штаб раководел премиерот Ковачевски, на него присуствувале и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски и претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.