Предлозите се најдоа на дневен ред на пленарна седница во Собранието откако претходно пет дена траеше расправата во Комисијата за одбрана и безбедност каде што власта и опозицијата си упатија низа меѓусебни обвинувања за состојбите во енергетиката
За денеска во 13 часот закажана е пленарна седница на Собранието на чиј дневен ред се предлозите за продолжување на кризна состојба поради енергетската криза.
Станува збор за две точки: едната е за прогласување на кризна состојба на територијата на цела држава заради недостигот на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, а другата се однесува на кризна состојба на територијата на Град Скопје заради недостигот на топлинска енергија, можноста за користење алтернативно гориво и состојбите на пазарот со топлинска енергија.
Предлогот е овие кризни состојби да се прогласат од утре (1 октомври) до крајот на април 2023 година.
Овие точки се најдоа на дневен ред на пленарна седница во Собранието откако претходно пет дена траеше расправата во Комисијата за одбрана и безбедност каде власта и опозицијата си упатија низа меѓусебни обвинувања за состојбите во енергетиката. Откако добија зелено светло од ова собраниско тело, предлозите поминаа и во Законодавно-правната комисија.