Општинскиот кризен штаб на Куманово бара од Владата да обезбеди дополнително возило за транспорт на пациенти за потребите на Ургентниот центар, како и цистерна со распрскувачи за дезинфекција на јавните површини.
„Капацитетите со кои располага ЈП ‘Чистота и зеленило’-Куманово не се доволни за секојдневна и целосна дезинфекција на градот“,
стои во соопштението.
Оттаму бараат Владата да донесе одлука за парите кои се исплаќаат во вид на социјална помош и пензии да бидат исплаќани преку ЈП „Македонски пошти“ и други субјекти кои имаат можност за таков сервис, директно до граѓаните.
„Така би се надминал постојаниот метеж пред банките и другите услужни установи кои вршат шалтерска исплата и услуга, бидејќи при вакви услуги евидентно не се почитуваат препораките на Владата од страна на граѓаните“,
се вели во соопштението.
Се задолжува општина Куманово да формира редарска служба од сопствени вработени кои ќе вршат контрола на најпрометни места во градот, а ќе бидат во постојана соработка со СВР Куманово. Лицата треба да бидат видно обележани и ќе добијат насоки за начинот како ќе ја извршуваат нивната работа.
Кризниот штаб бара листа на приватни општи и специјалистички ординации од Фондот за здравствено осигурување, а од Владата, да задолжи лице од Министерство за труд и социјална политика, кое директно ќе се вклучи во нивната работа.
Телефонски линии за информации и набавка на намирници
Општина Куманово воведе уште една телефонска линија 075 323 569, каде социјално најзагрозените семејства ќе можат да се пријавуваат за пакети со прехранбени продукти и средства за лична хигиена и дезинфекција.
Дежурен телефон на Општинскиот штаб за заштита и спасување е 078 365 061, на кој граѓаните ќе можат да ги добиваат потребните информации (информации за дежурни аптеки, дежурни маркети, начин на спроведување на услуги на институциите во градот, мерките и препораки донесени од Влада на Република Северна Македонија и од Општинскиот штаб за заштита и спасување).
Општина Куманово воведе услуга за асистенција на болни и изнемоштени граѓани. Овие категории на лица ќе можат да се јавуваат на телефоните 075 207 126 и 077 719 494 , по што од страна на лице од општината и Црвен Крст ќе им бидат набавени и доставени бараните производи и лекови, а за кои самите граѓани ќе си ги покријат трошоците.
„Апелираме бројот 192 да се користи од страна на граѓаните само за повици кои се во делот на работење на полицијата. Сите други информации граѓаните ќе можат да ги добијат на бројот на Општинскиот штаб за Заштита и спасување – 078 365 061“,
се вели во соопштението.
*поврзана вест: (ВИДЕО+ФОТО) Куманово се раздвижи по 56-часовниот полициски час