Израелските разузнавачки служби, според дел од медиумите, им помогнале на американските сили да го лоцираат и убијат командантот на иранската војка Касим Сулејмани, давајќи им важни информации за неговото движење. Во бази во Ирак, пак, каде се сместени американски сили се истрелани седум минофрлачки бомби. Ова се дел од најновите информации кои се објавуваат, а се поврзани со кризата помеѓу САД и Иран
Според американскиот портал Ен Би Си њуз, американската ЦИА го знаела точното време кога полетал авионот на Сулејмани од Дамаск кон Багдад, врз основа на информациите кои израелски разузнавачи им ги испратиле од аеродромот.
Помпео го известил израелскиот премиер за плановите?
Кога Сулејмани слетал во Багдад, американските агенти го потврдиле точното место каде тој се наоѓа, а потоа полетале три американски дронови со ракети, без да стравуваат дека ќе го нарушат ирачкиот воздушен простор, и истрелале четири ракети врз возилото во кое се наоѓал Сулејмани.
Овие сознанија, пишува „Ен Би Си њуз“, се темелат врз исказите на две лица кои се директно поврзани со операцијата, но и врз основа на други високи американски претставници.
Американски претставници ја следеле ликвидацијата на Сулејмани преку голем монитор – директорката на ЦИА Џина Хаспел од штабот во Ленглиј, а шефот на Пентагон Марк Еспер од друга локација.
Израелскиот весник „Тајмс оф Израел“, пак, пишува дека тамошните медиуми пренеле дека американскиот државен секретар Мајк Помпео го известил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за плановите за убиство на Сулејмани.
Фрлени седум бомби – повредени четири ирачки војници
Додека американските и израелските медиуми објавуваат нови моменти и детали за убиството на Сулејмани, по што се заострија односите помеѓу САД и Иран, се чини дека одмаздата на иранските сили продолжува.
Денеска, врз воздухопловна база Балад во Ирак, во која се сместени и американски сили, биле истрелани седум минофрлачки бомби. Четворица ирачки војници се повредени.
Воени извори наведуваат дека бомбите се фрлени на пистата во базата, која се наоѓа на околу 80 километри северно од Багдад.
За потсетување, пред неколку дена Иран нападна две воени бази во Ирак во кои се сместени војници на САД. Нападите ги изврши со проектили “земја-земја”.
По овој напад, Исламската револуционерна гарда се закани дека ако американците возвратат ќе извршато напади на територијата на САД, како и на градовите Дубаи (Обединети Арапски Емирати) и Хаифа (Израел).
Израелскиот воен врв, пак, изминатите денови одржа итен состанок на кој тема беше безбедноста на земјата по убиството на иранскиот генерал. Поради стравот од можни напади се затворија локации кои важат за туристички дестинации. Како реакција на иранските закани, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека доколку Израел биде нападнат ќе следува пожесток одговор.
Порака до САД: Ова е само почеток
Нови закани кон САД, денеска стигнаа од лидерот на либанската милитантна група Хезболах, Хасан Насралах кој изјави дека иранскиот напад врз двете американски воени бази во Ирак е само почеток на одмаздата, бидејќи САД го убија иранскиот генерал Касим Сулејмани.
Тој ракетниот напад го опиша како „шлаканица за Вашингтон“, со цел да се испрати порака, додавајќи дека тоа е само прв чекор кон патот да се обезбеди повлекување на американската војска од регионот.
„Американците мораат да ги отстранат своите бази, војниците, бродовите и службениците од нашиот регион. Зборуваме за почеток на фаза, за нова борба и за нова ера во регионот“,
истакна лидерот на Хезболах.
Насралах изрази благодарност поради поддршката на Сулејмани за Хезболах и нагласи дека светот е поинакво место по неговата смрт, а не побезбедно како што тврдат американските официјални претставници.