„По сите преземени дејствија од сите надлежни институции во конкретниот случај до овој момент се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека наведените шест лица презеле дејствија со кои исполнуваат обележја на кривичните дела за кои беше поведена постапка. За останатите наводи од пријавите проверките продолжуваат. Напоменуваме двете лица што ги наведувате се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на седницата на 06.06.2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука претседавал единствено сега осомничениот (Артан Груби н.з.)“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија
Републичкото јавно обвинителство денеска излезе со појаснување во кое се вели поранешен премиер и ексгенерален секретар на Владата не се опфатени во истрагата за случајот „Лотарија“, но и дека кривичната пријава поднесена против нив не е отфрлена.
Имено, условно кажано, забуната во јавноста настана бидејќи Министерството за внатрешни работи во конкретниот случај поднесе кривични пријави против осум лица, а Обвинителството вчера соопшти дека е отворена истрага за шест осомничени за кривични дела со кои е предизвикана штета на државниот буџет од шест милиони евра.
Дека поранешни премиер и генерален секретар се дел од лицата против кои се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела што довеле до поголема штета на буџетот во случајот Лотарија, на вчерашната прес-конференција информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Иако ниту од Обвинителството ниту од МВР не излегоа со имиња и со иницијали, најголем дел од медиумите веќе пишуваат дека станува збор за поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и ексгенсекот на Владата, Методија Димовски.
„Постапено е по кривична пријава од 13.12.2024 година од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и корупција – Сектор за криминалистички истраги, Единица за корупција што е поднесена до ОЈО Скопје против осум физички лица“,
рече Тошковски на вчерашната прес-конференција на која информираше за трите акции што МВР ги спроведе викендот и вчера.
Од Јавното обвинителство, пак, без да наведуваат имиња соопштија дека во конкретниот случај е отворена истрага против шест лица, меѓу кои се и поранешниот прв вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.
Во врска со прашањето зошто и Ковачевски и Димовски не се опфатени во истрагата, денеска од Обвинителството излегоа со следното појаснување:
„Јавното обвинителство веќе извести дека кривичната пријава за наведените лица не е отфрлена. Основното јавно обвинителство Скопје во овој предмет постапуваше по поднесени кривични пријави и од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција. По сите преземени дејствија од сите надлежни институции во конкретниот случај до овој момент се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека наведените шест лица презеле дејствија со кои исполнуваат обележја на кривичните дела за кои беше поведена постапка. За останатите наводи од пријавите проверките продолжуваат. Напоменуваме двете лица што ги наведувате се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на седницата на 06.06.2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука претседавал единствено сега осомничениот.“
Ова значи дека проверките за наводите од кривичната пријава против Ковачевски и Димовски и понатаму продолжуваат.
Во меѓувреме, се очекува скопскиот Кривичен суд да донесе одлука во врска со предлогот на Обвинителството за одредување мерка притвор на експрвиот вицепремиер, Артан Груби и поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.
Имајќи предвид дека и двајцата се недостапни за органите на прогонот, доколку Судот евентуално им одредени притвор тој ќе почне да се спроведува по нивното пронаоѓање и лишување од слобода.
Груби и Бајрами се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра.
Случајот се однесува на набавката на ВЛТ-терминали за приредување на електронски игри на среќа, што Државна лотарија согласно закон не смеела да ги организира, бидејќи веќе имал удел од 51 проценто во „Државната видеолотарија – Касинос Аустрија ДОО Скопје“.
Сепак, и покрај тоа, на седница на Влада на 6 јуни 2023 година, со која претседавал Груби како тогашен вицепремиер, била донесена одлука за набавка на ВЛТ-терминалите, откако претходно на 9 мај истата година, првоосомничениот Бајрами доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа од страна Државна лотарија.
„И покрај набавката, тие (ВЛТ-терминали) никогаш не биле ниту ставени во употреба“,
велат од Обвинителството.
Останатите четворица осомничени во случајот, на кои Кривичен им одреди мерки на претпазливост, се товарат дека како претседател и членови на комисија ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и спровеле јавни повици за пренесување на право за приредување електронски и интернет-игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да се спроведена бидејќи не биле исполнети законски услови.