Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека го поддржува протестот на синдикатите на судската служба кој наскоро ќе почне пред просториите на судот.

„Управата на судот во целост ги поддржува заложбите и напорите на синдикатите на судската служба во остварување на нивните права. Судските службеници се клучна алка во синџирот на судската власт и имаат движечка улога во остварување на правата на граѓаните пред судските постапки. Заради тоа, сметаме дека нивните барања се оправдани и неопходни за понатамошно функционирање и развивање на правосудниот сектор“,
соопштија од Кривичниот суд во Скопје.
Од судот додаваат и дека за време на протестот целосно ќе се почитуваат обврските на судот и дека нема да има одлагање на итните и притворските предмети, а сите шалтери ќе работат со дежурни службеници со цел да им се излезе во пресрет на странките.
Вработените во судската администрација ќе протестираат со барања за исплата на додатоци за плата и зголемување на платите. Како што изјавија од Синдикатот на УПОЗ за МИА, револтот кај вработените во судската администрација е голем особено по одлуката на Уставниот суд со која платите на избраните и именуваните лица се зголемени за 78 проценти.