На другите четворица опфатени во истрагата, кои се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, судија на претходна постапка на предлог на ОЈО Скопје им определи мерки за претпазливост, односно одземање на патна исправа и обврска за повремено јавување на службено лице во судот
Кривичниот суд Скопје им одреди 30-дневен притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кои не се достапни за органите на прогон, а се поврзани со истрага во случајот „Лотарија“.
„По добиеното известување од надлежното МВР, дека двете лица за кои Јавното обвинителството предложи мерка притвор од нивното пронаоѓање, односно лишување од слобода, а поврзани со истрагата за Државна лотарија се недостапни за органите на прогон, донесе решенија да го прифати предлогот на ЈО и им одредени мерка притвор од 30 дена, поради постоење на основите од член 165 ст. 1. т. 1 и 2“,
информираат од Кривичниот суд.
На другите четворица опфатени во истрагата, кои се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, судија на претходна постапка на предлог на ОЈО Скопје им определи мерки за претпазливост, односно одземање на патна исправа и обврска за повремено јавување на службено лице во судот.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево соопштија дека на 13 декември годинава од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и корупција – Сектор за криминалистички истраги – Единица за корупција до ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава против осум лица за злоупотреба на службената положба и овластување, примање поткуп и за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство, во случајот со Државната лотарија.
Според соопштението на МВР, со кривичната се опфатени П. Б. (31) за злоупотреба на службената положба и овластување, примање поткуп и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство; А. Г. (47) од Скопје за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство; против Д. К. (50) од Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување; против М. Д. (58) од Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување; против В. П. (41) од Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување и продолжено кривично дело примање поткуп; против А. А. (36) од Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување и кривично дело примање поткуп и против М. З. (38) од Тетово за злоупотреба на службената положба и овластување.