Седум лица добија кривични пријави за физичката пресметка и пукањето на платформата за чамци кај кањонот Матка, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Осомничените М.С.(40), Ќ.С.(23), М.С.(47), И.С.(25), Р.И.(24), Б.Е.(32) и В.К.(24) се товарат дека сториле кривично дело насилство.
Истрелот што се слуша на снимката од инцидентот која се појави во јавноста, според МВР бил од пиштол за светлосно-звучна сигнализација.
„На 09.5.2020 околу 15:10 часот пријавените пристигнале на платформата за чамци во кањон Матка во сопственост на А.С.(40), С.С.(41) и С.С.(31), сите од Скопје. Веднаш потоа, првопријавениот физички го нападнал А.С., додека четвртопријавениот со нож му се заканувал. Потоа, второпријавениот физички го нападнал С.С.(31). Во тој момент се вмешал полициски службеник, кој се обидел да ги раздели и да ја смири ситуацијата, но првопријавениот од пиштол за светлосно-звучна сигнализација испукал еден проектил кон оштетениот А.С.“, се појаснува во соопштението од МВР.
Како што претходно објави „360 степени“, меѓу напаѓачите е лицето М. Сулејмани, за кое дел од медиумите јавија дека е внук на доскорешниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи.
Полициски извор за „360 степени“ јави дека повод за тепачката, а потоа и за пукањето, била расправија за движењето на чамците за туристички прошетки до пештерата во кањонот.
