Првопријавениот В.К. – поранешен извршен директор во секторот воздухопловна техника во М-НАВ ја злоупотребил службената положба спојувајќи две сосема неспоиви јавни набавки во една. Второпријавената Б.А. – в.д. раководителка на одделение за јавни набавки иако била свесна дека тендерска документација и техничка спецификација е противзаконска, ја објавила на електронскиот систем за јавни набавки
Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави против В.К. поранешен извршен директор во секторот воздухопловна техника во Македонска навигација (М-НАВ) и против Б.А. – в.д. раководителка на одделение за јавни набавки во М-НАВ. Кривичните пријави поднесени до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје се однесуваат на сомненија за злоупотреба на службената положба и несовесно работење во службата.

Според кривичната, првопријавениот В.К. ја злоупотребил службената положба спојувајќи две сосема неспоиви јавни набавки во една. Набавката била за изработка на целосно оперативно решение за управување со документи, односно набавка на софтверско решение со набавка на физичко и електронско архивирање на документи.
„Искористувајќи ја својата службена положба, тој во текот на 2022 година, спротивно на член 89 од Законот за јавни набавки, изработил технички спецификации и тендерска документација со дискриминирачки и несразмерни услови за квалитативен избор за јавна набавка за обезбедување и имплементација на целосно оперативно решение за управување со документи со број на оглас 12253/2022, во кои вметнал услови и критериуми кои доминантно се однесуваат на физичко архивирање на документите и немаат никаква врска со изработка на целосно оперативно решение за управување со документи односно набавка на софтверско решение, што е спротивно на начелото на сразмерност од член 8 и начелото на конкуренција од член 5 од Законот“,
велат од Финансиската полиција.
Второпријавената Б.А. постапила несовесно во вршењето на своите овластувања и должности на начин што, иако била свесна дека така подготвената тендерска документација и техничка спецификација е противзаконска, ја објавила на електронскиот систем за јавни набавки, овозможувајќи нејзино спроведување.
„Со така дефинираните дискриминирачки и несразмерни критериуми за квалитативен избор, намалувајќи ја конкуренцијата, пријавените го оштетиле Буџетот на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје за износ од 1 493 433 денари, за кој му овозможиле да оствари корист на правното лице Друштво за скенирање, обработка и складирање на документи ‘Контего’ ДОО Скопје, со кое е склучен договор“,
појаснуваат од Управата за финансиска полиција.