Градоначалниците стравуваат од ширење зарази, кои може да бидат предизвикани од расфралниот смет покрај контејнерите

Незадоволни од работата на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ во врска со справувањето со отпадот во Скопје, дел од градоначалниците најавуваат преземање порадикални мерки.
За сериозноста на проблемот со отпадот во Скопје тројца градоначалници на скопски општини разговараа во дебатната емисија „Објектив“ на МТВ, потенцирајќи дека ваквата состојба е недозволива во 21 век.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави вклучување и кривични пријави.
Герасимовски посочи дека натрупаниот смет создава грда слика за градот, како за граѓаните така и за туристите, и дека истиот проблем ги засега и другите општини.
„Со години наназад правиме притисок, апелираме до Јавното комунално претпријатие редовно да го чисти сметот. Граѓаните се колатерална штета, а плаќаат за таа услуга. Преку сметката за водовод плаќаме и за управување со сметот“,
изјави Герасимовски.

Тој нагласи дека доаѓаат топли денови и летен период, што ја зголемува опасноста од ширење зарази.
Како одговор на ова, градоначалникот и неговиот тим започнуваат со порадикални мерки.
„Подготвуваме кривични пријави до комуналното претпријатие по неколку члена за заштита на животната средина и дополнително бараме законски измени во тој домен“,
рече Герасимовски.
Тој објасни дека Општина Центар има 110 хигиеничари кои постојано се на терен и собираат отпад околу контејнерите. Сепак, рече тој, бидејќи општината нема возила за отстранување на сметот од самите контејнери, кога Градот Скопје не си ја врши работата и остава преполни контејнери, кучињата скитници го разнесуваат ѓубрето по улиците правејќи огромна штета.
Општината, додава Герасимовски, троши средства, време и ресурси за да го собере разнесениот отпад, а потоа дополнително плаќа за негово депонирање во „Дрисла“, што создава огромен проблем.
„Сè ова што ни се случува е терор врз граѓаните, не само врз Општина Центар, туку и врз сите граѓани на територијата на градот Скопје“,
додаде тој.
Герасимовски најави и подготвување на законски измени за преземање на ингеренциите за справување со отпадот од страна на општините.
Тој предлага трансформација на јавното комунално претпријатие, каде секоја општина би презела дел од вработените и механизацијата.
„Сигурен сум дека ќе имаме подобри резултати и нема да дозволиме граѓаните да живеат во вакви услови“,
додаде тој.
Според градоначалникот, „Комунална хигиена“ нема доволен капацитет, располага со стара механизација и му недостасува стратегија за селекција и рециклирање на отпадот, како што е пракса во европските држави.
Тој нагласи дека е неопходен план за селекција и утврдени денови за отстранување на сметот од домаќинствата.
Герасимовски апелираше до граѓаните да ги почитуваат акциите за собирање кабаст отпад и да не фрлаат покрај контејнерите.
Исто така, рече тој, дадени се насоки за локалите да склучат договори со лиценцирани компании за селектирање и отстранување на отпадот, со цел да се избегне фрлањето на отпадот од угостителските објекти во јавните контејнери, што создава дополнителен хаос.
Согласен со Герасимовски беше и в.д.градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески кој рече дека ова е најболна тема за жителите на Скопје.
„Собирањето на сметот изминатите години е страшен проблем што може да прерасне во здравствен проблем. Крајно време е многу посериозно да ја сфати одговорноста што ја има јавното комунално претпријатие и Градот Скопје во однос на менаџирањето на сметот. Месечно се ангажираат од 100 до 120 луѓе што се плаќаат од нашиот буџет иако средствата ги прибира Градот Скопје, односно јавното претпријатие“,
рече Митески.
Тој додаде дека дополнително на тоа општината ангажира механизација и дневно одлага од 30 до 50 кубни метри кабаст и градежен отпад, а во зависност од типот отпад за тоа се плаќа од 500 до 100 денари за кубик за одлагање на „Дрисла“.
И Митевски спомена дека како општина размислуваат за преземање на порадикални чекори и изрекување на, како што рече, драконски казни кон „Комунална хигиена“.
„Имајќи предвид дека согласно Законот за Град Скопје надлежноста за одлагање и депонирање на шутот е на Град Скопје и ќе мора во таа насока да почнеме да делуваме“,
рече тој.
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу рече дека ова што се случува не наликува на ниту една цивилизирана општина.
Ганиу обвини и дека „Комунална хигиена“ намерно ги трга од локациите дел од контејнерите за да се прави повеќе смет.
Тој даде пример дека пред зградата каде што живее било побарано да се постави уште еден контејнер, но наместо тоа после два дена бил подигнат еден од тие што веќе биле на локацијата.
„Ниту собираат ниту ни дозволуваат ние да собираме смет. Ако го собираме смееме само во локални депонии да го носиме и не ни даваат да го одлагаме во „Дрисла“. Имаме околу 70 сезонски работници и на 110 точки каде што се одлага сметот нема шанси да успееме да постигнеме“,
рече Ганиу.
Според градоначалниците, мора да има план и стратегија како ќе се собира отпадот, во кои денови и како тој да се селектира и рециклира.