Скопјанецот ова го правел како одговорно лице на компанија што организира музички настани. На лицата што ги довел во заблуда да купат билет, потоа не им ги рефундирал парите
Кривична пријава е поднесена против скопјанец што преку веб-страница овозможил електронско купување на билети за концерт што воопшто не бил предвиден да се одржи. Со тоа, ги довел купувачите во заблуда, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Во таа насока, Секторот за компјутерски криминал при МВР денеска до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе кривична пријава против А.Х. (25) од Скопје за сторено кривично дело – компјутерска измама.
Билетите ги продавал во периодот од 4 април до 13 јуни 2025 година.
„Како одговорно лице на компанија што организира музички настани, преку веб-страница овозможил електронско купување на билети за концерт што воопшто не бил предвиден да се одржи, односно не бил склучен никаков договор за негово одржување. Со тоа ги довел лицата во заблуда да купат билети и притоа не ги рефундирал парите“,
се вели во полицискиот извештај.
Како што посочија од МВР, Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи активно да спроведува мониторинг на содржините на социјалните мрежи и целокупниот интернет простор, со цел да превенира повикување на насилство, загрозување на сигурноста, ширењее расистички и ксенофобичен материјал.