Триесет и едногодишниот С.А. од Куманово, кој на социјалните мрежи се фотографираше со мало лавче, доби кривична пријава за сторено дело неовластено ловење, чување и отуѓување диви животни, по член 228, став 1 од Кривичниот законик.
За лавчето првично реагираа здруженијата и активистите за заштита на животните, по што надлежни го истражуваа случајот, а полицијата вчера го лишила С.А. од слобода.
„Имено, по претходно добиени оперативни сознанија за незаконско чување диво животно, преземени се мерки и активности, а по добиена судска наредба извршен е претрес на три локации на подрачјето на Куманово, со С.А. е извршен службен разговор и по насока на јавен обвинител, од страна на СВР Куманово против него е поднесена кривична пријава. Во врска со овој случај се преземаат и дополнителни активности во насока на целосно расчистување“,
додаваат од МВР.