Со дејствијата за одржување на зеленилото околу општинската зграда биле исплатени вкупно 1 457 205 денари, сума за која е директно оштетен буџетот на Општина Кичево

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, и против уште три субјекти поради сомнеж за злоупотреби со јавни набавки.
Според полицискиот извештај, првопријавениот Дехари, во својство на градоначалник, на почетокот на 2025 година донел План за јавни набавки спротивен на Законот за комунални дејности. Иако општината располага со сопствено јавно комунално претпријатие, тој ги доверил комуналните услуги на приватна фирма од селото Длапкин Дол со цел стекнување противправна имотна корист.
Во случајот се опфатени уште две лица и еден правен субјект. Кривична има и против Б. К. (46) од кичевското село Аранѓел, кој се товари за несовесно работење во службата поради пропуштен должен надзор, за 41-годишниот Д. С. од кичевското село Длапкин Дол, кој се гони за злоупотреба на постапката за јавен повик, како и за правното лице од Длапкин Дол, преку кое се вршеле набавките.
Со овие дејствија, за одржување на зеленилото околу општинската зграда биле исплатени вкупно 1 457 205 денари, сума за која е директно оштетен буџетот на Општина Кичево.
Минатиот месец МВР поднесе кривична пријава против Дехари бидејќи во својство на градоначалник од 2021 до 2025 година склучил договори за вработување со четири лица и свесно им дозволил да не доаѓаат на работа и да добиваат плата и надоместоци и по истекот на законскиот рок не им го прекинал работниот однос.
