Според полицијата, од 2020 до 2024 година на ангажираните лица со договор на дело незаконски им исплатил плата во вкупен износ од 21 744 788 денари или 353 573 евра штета на буџетот на Здравствен дом Куманово
Кумановската полиција поднесе кривична пријава против поранешен директор на Здравствениот дом Куманово поради сомнежи за сторено кривично дело – злоупотреба на службената положба, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според полицијата, тој во период од четири години, без одобрение од ресорното министерство, склучувал незаконски договори на дело и вработувал лица во здравствената установа. Така, тој од 2020 до 2024 година ангажирал 68 лица со договор на дело и им испраќал плати во вредност од 353 573 евра.

„Секторот за внатрешни работи (СВР) Куманово поднесе кривична пријава против Ф. А. (43) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување,
се вели во полициското соопштение.
Во описот за делото, од полицијата велат дека во периодот од 2020 до 2024 година, откако бил поставен на функцијата вршител на должност директор, а потоа и именуван за директор на јавната установа Здравствен дом Куманово, склучувал незаконски договори на дело и вработувал лица во установата, без претходно да добие одобрение од Министерството за здравство и без да обезбеди согласност за обезбедени финансиски средства од Министерството финансии.
На тој начин тој постапил спротивно на одредбите од Законот за работни односи и Законот за трансформација во редовен работен однос.
„Во истиот временски период ангажирал 68 лица со догoвор на дело, на кои незаконски им исплатил плата во вкупен износ од 21 744 788 денари или 353 573 евра штета на буџетот на Здравствен дом Куманово“,
соопштија од МВР.
