Полициски службеници од ОВР Неготино на 19 февруари годинава го лишиле од слобода К.Н., кој во службен разговор во целост ги потврдил настаните, додека другото лице Г. М. било уапсено три дена подоцна на ГП „Деве Баир“ додека се враќалo од Бугарија
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека е поднесена кривична пријава против две лица, кои се осомничени дека измамиле повозрасна неготинка за сума од околу 5 000 евра, а се обиделе да измамат уште десетмина други контактирајќи ги дека нивни блиски наводно се повредени во сообраќајни несреќи и дека треба итно да се оперираат.

Имено, како што информираат од Министерството, Одделението за внатрешни работи Неготино до Основното јавно обвинителство Велес поднело кривична пријава против К.Н. (29) од Велес и Г.М. (54), двајцата со престој во Скопје поради постоење основи на сомнение дека сториле 11 кривични дела, од кои десет измама во обид и едно кривично дело измама по член 247 од Кривичниот законик.
„Во изминатиот период лице од странство телефонски контактирало повозрасни лица, лажно им се претставувало и ги доведувало во заблуда дека блиски членови на нивните семејства биле повредени во несреќи и треба да им се изврши операција, обидувајќи се да ги измами за поголеми суми на парични средства, додека пријавените К.Н. и Г.М. имале задача да ги земат парите, по што Г.М. ги предавал на лице во Софија, Република Бугарија. На тој начин успеале да измамат 81-годишна жена од Неготино за сума од 314 600 денари (околу 5 000 евра)“,
се вели во соопштението на МВР.
По преземени мерки, полициски службеници од ОВР Неготино на 19 февруари годинава го лишиле од слобода К.Н., кој во службен разговор во целост ги потврдил настаните.
Два дена подоцна, односно 21.02.2026, на Граничниот премин „Деве Баир“ од слобода бил лишен и Г.М., кај кого биле пронајдени и одземени 4 400 евра, додека кај неговата сопруга, која била со него во возилото, биле пронајдени и одземени 4 350 евра.
