Поранешен директор на АХВ, во периодот од 2017 до 2020 година, во повеќе наврати, за службени патувања во странство на кои присуствувал, примал дневници во висина од 50 отсто, иако согласно Уредбата за изменување на Уредбата за издатоци на службени патувања и службени патувања во странство, требало да прима само 20 отсто бидејќи трошоците за сместување и храна не паѓале на товар на институцијата. Дел од вработените изготвиле решенија за одобрување службени патувања, а други му исплатиле пари, со што е направена буџетска штета на институцијата од 62 530 денари
Полицијата поднесе кривична пријава до скопското обвинителство против поранешен директор, заменик-директор и вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) поради сомнение за сторено кривично дело – проневера во службата. Заменик-директорот, пак, со потпишување на решенијата за одобрување службени патувања во странство му помогнал на директорот противправно да ги присвои парите.

Кривична е поднесена против З. А., поранешен директор на Агенцијата за храна и ветеринарство поради сомнение за сторено кривично дело – проневера во службата. Против Ф. М., поранешен директор во агенцијата, поради сомнение за сторено кривично дело – проневера во службата во врска со помагање, а за истото дело е поднесена кривична и против Л. У., А. Р., Е. Т., А. Б. и А. Б., вработени во институцијата.
„З. А. во својство на директор на АХВ, во периодот од 2017 до 2020 година, во повеќе наврати, со намера противправно да прибави за себе парични средства што му биле доверени во службата, за службени патувања во странство на кои истиот присуствувал, примал дневници во висина од 50 отсто, иако согласно Уредба за изменување на Уредбата за издатоци на службени патувања и службени патувања во странство требало да прима само 20 отсто, бидејќи трошоците за сместување и храна не паѓале на товар на институцијата“,
се вели во описот од полицијата за овој случај.
Според МВР, заменик-директорот на АХВ, Ф. М., пак, со потпишување на решенијата за одобрување службени патувања во странство му помогнал на директорот противправно да ги присвои парите.
Вработените во Агенцијата, како Л. А., А. Р. и Е. Т. во повеќе наврати, спротивно на Уредбата, изготвиле решенија за одобрување службено патување во странство на име на директорот. Останатите вработени, како А. Б. и А. Б. одобриле исплаќање на пари врз основа на претходните решенија, иако знаеле и биле свесни дека тие не се донесени согласно Уредбата, му ги исплатиле парите, со што му помогнале на поранешниот директор да се стекне со имотна корист од 62 530 денари, а на штета на буџетот на установата со која раководел.
