Пријавените лица, како што информираат од Финансиска, ги злоупотребиле своите службена положба и овластувања и несовесно вршејќи ги своите должности, ѝ овозможиле на формата „Азра Идриз“ ДООЕЛ од село Глумово да се стекне со имотна корист од 108 638 840 денари или околу 1,8 милиони евра
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на Општина Сарај, шестмина вработени во општината и во Град Скопје, како и еден надзорен инженер поради сомнежи за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, и фалсификување и уништување на деловни книги.
Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, како што денеска соопштија оттаму, веќе се преземаат дејствија за проверки.

Од Финансиска соопштија дека кривичната пријава е поднесена против Б. Б., во својство на поранешен градоначалник, С. Ш. и Ќ. К., поранешни секретари во Општина Сарај., А. С. и Ќ. А., раководители на секторот за урбанизам и А. Ш., помлад соработник во истата општина, како и против И. Б. Ш., раководител на сектор за планирање и уредување на просторот во Град Скопје, но и Љ. Т., надзорен инженер.
Кривичната пријава е поднесена за сторени кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, фалсификување или уништување на деловни книги.
Во описот за основите на сомнение, од Управата за финансиска полиција велат дека вработени во Општина Сарај и во Град Скопје, заедно со надзорниот инженер изготвиле и издале документи за градба со невистинита содржина на фирма од скопско Глумово за катастарска парцела за која нема Детален урбанистички план (ДУП).
„Пријавените лица, вработени во Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен Детален урбанистички план (ДУП), со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина“,
велат од Финансиска за овој случај.
Покрај тоа, направени се и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи.
Надзорниот инженер, пак, извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина.
На овој начин, според Финансиска полиција, пријавените лица, ја злоупотребиле својата службена положба и овластувања и несовесно вршејќи ги своите должности, ѝ овозможиле на формата „Азра Идриз“ ДООЕЛ од село Глумово да се стекне со имотна корист од 108 638 840 денари или околу 1,8 милиони евра.
Како што веќе објавија дел од медиумите, кривичната е поднесена против ексградоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, актуелен пратеник во Собранието од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
