Со цел да ги прикрие овие дејствија, А. А. не изготвил и не поднел завршни сметки за 2021, 2022 и 2023 година, со што не пресметал, не пријавил и не уплатил даноци по разни основи во вкупен износ од 12 079 019 денари

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против А .А., управител и сопственик на фирмата „Арман компани“ од Скопје, поради основи на сомнение за сторено кривично дело даночно затајување, предвидено во член 279 став 2 од Кривичниот законик.
Според соопштението од Финансиската полиција, А. А. во периодот од 1 јануари 2020 година до 25 декември 2024 година, со умисла и со цел да прибави противправна имотна корист за себе и за компанијата, неосновано присвоил трговска стока – јаткасти производи во вредност од 53 257 786 денари, која не ја евидентирал како кусок во сметководствената евиденција. Поради ова, тој не пресметал, не пријавил и не уплатил данок на додадена вредност по даночна стапка од 5 отсто во износ од 2 662 889 денари и данок на добивка по даночна стапка од 10 отсто во износ од 5 325 778 денари.
Понатаму, како што додаваат од Финансиската полиција, пријавениот за застарени обврски кон добавувачи постари од три години, во износ од 40 903 524 денари, кои потекнуваат од 2020 година и не се прикажани како приходи во билансот на успех и даночниот биланс за 2023 година, не пресметал, не пријавил и не уплатил данок на добивка по даночна стапка од 10 отсто во износ од 4 090 352 денари.
Со цел да ги прикрие овие дејствија, А. А. не изготвил и не поднел завршни сметки за 2021, 2022 и 2023 година до Управата за јавни приходи и до Централниот регистар, со што не пресметал, не пријавил и не уплатил даноци по разни основи во вкупен износ од 12 079 019 денари, со што го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија.