Пријавените, како што велат од МВР, се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување

Секторот за внатрешни работи – Струмица поднесе кривична пријава против тројца поранешни и актуелни вработени во Казнено-поправната установа затвор „Струмица“. Станува збор за поранешниот директор Б. Ц. (41), поранешниот вршител на должноста директор В. М. (36) и заповедникот на затворската полиција В. Т. (42). Тие се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според истрагата, Б. Ц. и В. М., додека ја извршувале функцијата, во повеќе наврати постапувале спротивно на правилникот на установата. Тие издавале решенија за користење погодности без да биде спроведена пропишаната постапка која, според правилникот, треба да се спроведе пред издавање такви решенија.
Б. Ц. во три наврати му овозможил на едно осудено лице краткотраен излез од затворот.
Пријавениот В. М., пак, на седум лица им овозможил краткотраен излез во 32 наврати, а на две лица им дозволил годишен одмор без да ги исполнуваат условите. Дополнително, тој овозможил четири лица да бидат префрлени од полуотворено во отворено одделение и покрај тоа што не ги исполнувале условите.
Кривична пријава е поднесена и против В. Т., заповедникот на затворската полиција, кој од В. М. добил писмено овластување за вршење работи од областа на ресоцијализација, иако немал соодветно образование за тоа. Истовремено, тој продолжил да ја раководи и затворската полиција, со што извршувал две неспојливи и одговорни функции.