Во периодот од 2017 година до 2024 година, во својство на градоначалник на Општина Кичево, свесно и со умисла, со намера да прибави значителна имотна корист за друг, а на штета на општината, противзаконски склучил повеќе договори за извршување на адвокатски услуги со адвокати од Кичево, иако во рамките на општината Кичево постои секторот за правни работи со вкупно 37 вработени, кои имаат право да ја застапуваат општината пред судовите во државата
Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари противзаконски склучил повеќе договори за извршување адвокатски услуги, оштетувајќи го општинскиот буџет за речиси четири милиони денари или за околу 65 000 евра, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).

„СВР Охрид денеска соопшти дена ОВР Кичево поднела кривична пријава против Ф.Д. (51) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 353 од Кривичниот законик – Злоупотреба на службена положба и овластување“,
пишува во полициското соопштение.
Според МВР, тој во периодот од 2017 година до 2024 година, во својство на градоначалник на Општина Кичево, свесно и со умисла, со намера да прибави значителна имотна корист за друг, а на штета на општината, противзаконски склучил повеќе договори за извршување на адвокатски услуги со адвокати од Кичево, иако во рамките на општината Кичево постои секторот за правни работи со вкупно 37 вработени, кои имаат право да ја застапуваат општината пред судовите во државата.
Со тоа, ја искористил својата службена положба, постапил спротивно на одредбите од законите за спречување на корупцијата и судир на интереси, за локална самоуправа и за јавни набавки, ги прекршил одредбите од Законот за парнична постапка и Правилникот за систематизацијата на работните места, со што, на повластените адвокати им овозможил, на штета на буџетот на општина Кичево, да се стекнат со противзаконска имотна корист од речиси четири милиони денари или за околу 65 000 евра.
