До надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, како што информираат од МВР е поднесена кривична пријава против двајца полицајци за примање награда за противзаконито влијание и примање поткуп, како и против наставничка и пожарникар за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Обвинителство поднесе кривична пријава против двајца полицајци, наставничка и пожарникар кои во период од февруари до април 2024 година, заеднички, по претходен договор воспоставиле шема, на начин што организирале и спроведувале постапки за издавање на лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), а со цел стекнување противправна имотна корист.
До надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, како што информираат од МВР е поднесена кривична пријава против двајца полицајци за примање награда за противзаконито влијание и примање поткуп, како и против наставничка и пожарникар за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
„Пријавените во период од февруари до април 2024 година, заеднички, по претходен договор воспоставиле шема, на начин што организирале и спроведувале постапки за издавање на лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), а со цел стекнување противправна имотна корист, така што трето и четврто пријавените наоѓале заинтересирани граѓани кои имале потреба од изготвување на лични документи, кои им ги доставувале нивните лични податоци во форма на фотографии, а овие фотографиите ги испраќале на второпријавениот П.П.“,
се вели во соопштението од МВР.
Второпријавениот посредувал и интервенирал заинтересираните граѓани да ја започнат процедурата за издавање на лични документи, на начин што го поттикнувал првопријавениот М.С., кој како службено лице вршел дејствија на фотографирање и прием на барања, како негови редовни работни обврски.
„Наведените дејствија биле вршени врз претходен договор за одреден паричен надомест со точно утврдена цена, време и начин на извршување со јасно распределени улоги, создавајќи паралелен неформален начин на постапување со кој за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото за јавна услуга, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги“,
информираат од МВР.
Кривичната пријава, како што соопшти МВР, е поднесена против М.С., на работно место полицаец во Одделението за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, во моментот на сторување на делото со наредба распореден во Одделението за управни работи Скопје, заради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување и кривично дело примање поткуп, П.П., на работно место полицаец во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, заради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание и кривично дело примање поткуп, В.Р., вработена како наставник во средно училиште во Скопје, заради постоење на основи на сомнение дека сторила кривично дело примање награда за противзаконито влијание и А.С., вработен како пожарникар во Град Скопје, заради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
