„Оштетениот од Ш. М. зел 30 илјади евра, договарајќи се секој 1. во месецот да му исплаќа камата од 16 отсто. Со тоа, досега во повеќе наврати преку брз трансфер на пари, но и лично на Ш. М. му исплатил вкупно околу 300 илјади евра“, велат од полицијата
Поднесена е кривична пријава за двајца скопјани што осум години му се заканувале на кумановец, изнудувајќи 300 илјади евра, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал денеска до Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе кривична пријава против Ш. М. (34) и Ф. М. (37), двајцата од Скопје поради сомнение за сторено кривично дело – изнуда.
Во временски период од осум години, двајцата скопјани од оштетено лице од Куманово изнудувале пари, континуирано упатувајќи му закани врз неговиот и врз животот на неговата фамилија.
Со тоа, прибавиле противправна имотна корист во вредност од 300 илјади евра.
„Оштетениот од Ш. М. земал 30 илјади евра, договарајќи се секој 1. во месецот да му исплаќа камата од 16 отсто. Со тоа, досега во повеќе наврати преку брз трансфер на пари, но и лично на Ш. М. му исплатил вкупно околу 300 илјади евра“,
се вели во соопштението од полицијата.
По претходен договор меѓу Ш. М. и оштетениот, вчера се сретнале во кафуле во склоп на бензинска пумпа во Куманово. Таму оштетениот му дал 2 000 евра на Ш. М.
Потоа, полицијата го лишила од слобода Ш. М., а по извршен претрес кај него се пронајдени парите.
Извршен е и претрес во куќата каде што престојуваат Ш. М. и Ф. М., при што е пронајдена документација поврзана со кривичното дело.