На другите четворица опфатени во истрагата, кои се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, судија на претходна постапка на предлог на ОЈО Скопје им определи мерки за претпазливост, односно одземање патна исправа и обврска за повремено јавување на службено лице во судот
Основниот кривичен суд Скопје сè уште е во фаза на постапување во врска со предлогот на скопското обвинителство за определување мерка притвор за поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами, кои се осомничени за проневера во службата.
Двајцата во моментов не се достапни за органите на прогонот, а доколку судот им одреди притвор, тој ќе се спроведува од нивното пронаоѓање.
„До судија на претходна постапка доставен е предлог за определување мерка притвор против две лица опфатени со истрага истрагата поврзана со ‘Државна лотарија’ која мерка започнува да се спроведува од нивно пронаоѓање, за кој предлог судот е во фаза на постапување, а за што во текот на денот јавноста ќе биде дополнително известена“,
информираат од Кривичниот суд Скопје.
На другите четворица опфатени во истрагата, кои се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, судија на претходна постапка на предлог на ОЈО Скопје им определи мерки за претпазливост, односно одземање на патна исправа и обврска за повремено јавување на службено лице во судот.
Четворицата во текот на ноќта беа сослушани во Кривичниот суд.
Против решенија на Судот странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје вчера поведе истрага против шест лица во врска со случајот со „Државна лотарија“. За двајца од нив, како што соопшти Обвинителството, постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело проневера во службата, додека за преостанатите четворица е поведена постапка за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.