На барање на Обвинителството, скопскиот кривичен суд на осомничениот му одреди мерки на претпазливост кои подразбираат одземање на македонскиот и на српскиот пасош кои ги поседува, одземање на возачката дозвола, забрана за напуштање на живеалиштето, како и обврска повремено да се јавува кај надлежен државен орган
Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на скопското обвинителство и му одреди мерки на претпазливост на 37-годишниот скопјанец кој пред два дена со автомобил „фолксваген пасат“ го усмрти велосипедистот Јорго Ќука на булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје.

На барање на Обвинителството, на осомничениот му се одредени мерки на претпазливост кои подразбираат одземање на македонскиот и на српскиот пасош кои ги поседува, одземање на возачката дозвола, забрана за напуштање на живеалиштето, како и обврска повремено да се јавува кај надлежен државен орган.
- ОЈО Скопје бара мерки на претпазливост за возачот што усмрти велосипедист на булеварот „Гоце Делчев“
Сообраќајката се случи на 3 ноември кога велосипедистот поминувал по обележан пешачки премин на булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје, а возачот на „пасатот“ возел со неприспсобена брзина, што не му овозможило навреме да го запре автомобилот. По ударот во велосипедистот тој го напуштил местото, но подоцна беше приведен.
