Судот го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје на првоосомничениот да му биде одредена мерка од 30 дена, додека на другите тројца осомничени мерка куќен притвор
Скопскиот Основен кривичен суд му одреди 30-дневен притвор на првоосомниченото лице поврзано со фирмата во чиј објект за третирање електронски отпад во Трубарево во саботата избувна голем пожар. На другите тројца осомничени во случајот судија на претходна постапка им одредил мерка куќен притвор, потврдија утрово од Кривичен.

Мерките за обезбедување присуство вчера ги побара Основното јавно обвинителство Скопје, во рамките на истрагата што ја отвори против четирите лица и фирмата. Тие се товарат за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад, а во врска со пожарот во Трубарево.
Претходно, во текот на предистражната постапка, на четворицата осомничени во два наврати им беше одреден краткотраен 48-часовен притвор.
Информирајќи за поведената истрага, од Обвинителството соопштија дека првоосомничениот во случајот, формално не бил запишан како управител на фирмата каде што непрописно се складирал отпадот, но реално настапувал и преземал правни дејствија во односите со трети лица.
Имено, според она што досега го утврдило Обвинителството, тој бил управител на друга фирма, но го организирал целото на работење на правниот субјект што е опфатен во истрагата, а чиј формален управител била неговата ќерка.
„Тој го организирал целото работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање“,
велат од Обвинителството.
Затоа, како што наведоа оттаму, тој и неговата ќерка во истрагата се опфатени како соизвршители бидејќи постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и прописите за заштита на животната средина. Тие, според Обвинителството, вршеле повеќекратно оставање, фрлање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска или електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад.
Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот, односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери, наведоа од Обвинителството.
Третиот осомничен во случајот е овластеното лице, раководител на подружница, кој постапувал по насоки на првоосомничениот и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирање и обработка на електричниот отпад.
Што се однесува до четвртиот осомничен, како што информираа вчера од Обвинителството, тој формално не бил вработен во фирмата, но и покрај тоа преземал дејствија за организирање на понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој примал, складирал, сортирал и механички обработувал електричен отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.

Од Обвинителството вчера соопштија дека продолжува да се испитува и потенцијална одговорност и на други лица, како и дека јавен обвинител издава наредби за обезбедување докази.