Полициските службеници, инаку раководни лица во Секторот за внатрешни работи Штип и Полициската станица од општа надлежност Кочани, се осомничени за кривичното дело тешки дела против општата сигурност
Триесет дена притвор им е одреден на сите седуммина полициски службеници против кои Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска отвори истрага, а во врска со трагедијата во Кочани.

Осомничените полициски службеници попладнево се спроведени во Основниот кривичен суд Скопје, а по предлогот за определување мерка притвор, според соопштението од Судот, одлучувале неколку судии на претходна постапка.
„Се прифаќа предлогот на ОЈО и на сите седум осомничени им се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 став 1 точки 1, 2 и точка 3 кај одредени осомничени, односно опасност од бегство, околности кои укажуваат дека ќе ја попречат истрагата со влијание врз сведоци и околности кои укажуваат дека може да го повторат делото“,
се наведува во соопштението од Кривичен.
Полициските службеници, инаку раководни лица во Секторот за внатрешни работи Штип и Полициската станица од општа надлежност Кочани, се осомничени за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
Како што наведуваат од Судот, кривичното дело за кое се сомничат е поврзано со издавање согласност за функционирање на локалот во Кочани каде што се случи пожарот во кој животите ги загубија 59 лица, а речиси 200 се здобија со тешки телесни повреди.
Против решенијата за притвор, странките во постапката имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.

Повеќе детали во врска со осомничените полицајци попладнево на прес-конференција соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој рече дека станува збор за лица кои со изготвување незаконски документи придонеле да се случи трагедијата во Кочани.
Имено, како што кажа министерот, дел од осомничените како раководни лица, односно началници во СВР Штип, констатирале дека т.н. кабаре во Кочани ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавниот ред и мир и во делот на сообраќајот, со што му овозможиле да се стекне со лиценца за кабаре-клуб иако локалот не ги исполнувал условите.
Првиот осомничен, како што наведе министерот, како главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција при СВР Штип и вториот како самостоен инспектор за планирање резервен состав, превенција и справување со кризни состојби, констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавниот ред и мир и во делот на сообраќајот. Третиот осомничен, како началник на Одделение за полиција во СВР Штип и четвртиот како началник на СВР Штип одобриле и потпишале известување до Министерството за економија, во кое го потврдиле она што било констатирано за т.н. кабаре без да извршат проверка пред да дадат согласност за издавање лиценца за кабаре.
Петтиот осомничен, пак, како документарист во ПСОН Кочани, изработил телеграма во која не навел точни и целосни податоци дека во и во близина на кабарето има пријавени нарушувања на јавниот ред и мир и пријавени кривични дела. Во врска со ова заменик-командирот и началникот на Одделението за внатрешни работи Кочани ја потпишале ваквата телеграма иако знаеле дека податоците во неа се неточни и нецелосни.
Со тоа, како што кажа Тошковски, тие како службени лица не постапиле согласно прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање позитивна согласност за кабарето, и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето.
Полициските службеници беа спроведени на распит во скопскиот Кривичен суд бидејќи тој е единствено надлежен да поставува по предметите што ги води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Инаку, истрагата против полициските службеници се спроведува одделно од онаа во Кочани, а за која надлежно е тамошното Основно јавно обвинителство и каде што во моментот постапката е во фаза на предистрага, во која засега се опфатени 18 лица.