Во Основниот кривичен суд во Скопје во тек е седница на која ќе се оценува обвинителниот акт за предметот кој се однесува на организацијата на настаните од 27 април 2017 година во Собранието.
Со ова обвинение опфатени се поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, екссобранискиот спикер Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Во истрагата за овој случај како осомничени со нив беа и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски. Бидејќи тие се во бегство, против нив не беше покренато обвинение и постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат достапни за македонските органи.
Случајот е даден за оцена во Одделот за организиран криминал во скопскиот Основен суд, но оцената се одложуваше затоа што дури осум од вкупно девет судии во него беа изземени. Изземањата се случија затоа што тие судии беа вклучени во останатите предмети што се водеа за „27 април“.
Најобемниот предмет за „крвавиот четврток“ заврши со првостепена пресуда. Во него беа опфатени 33 лица, но 15 од нив добија амнестија со закон што Собранието го донесе во 2018 година. Од останатите единствено Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека другите добија вкупно 211 години затвор. Највисока доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков – 18 години затвор.
Покрај овој, се водеа уште неколку други случаи за учество во толпа и за насилство.