Кривичниот совет при Основниот суд 1 ја одби жалбата на бизнисменот Сеад Кочан за одложување на затворската казна за предметот „Труст“. Од судот соопштуваат дека Кочан, по негативната одлука, поднел ново барање.
„Доставено е ново барање за одлагање на извршувањето на затворската казна за кое е потребно да се извршат неопходни проверки по што судија ќе одлучува, а по донесеното решение странките и јавноста ќе бидат навремено известени“
– пишуваат од Кривичниот суд.

Според упатниот акт, Сеад Кочан треба да се јави на издржување на затворската казна за два дена отсега, в среда на 17 јуни. Првостепениот суд првично му одреди 6 годишна затворска казна која Апелација ја намали за речиси година и половина. Кочан, како управител на „Трансмет“ е осуден за незаконско добивање тендери за ископ на јаглен во РЕК Битола. Од пред една недела, имот во негова сопственост вреден 17 милиони евра е предмет на конфискација од Агенцијата за управување со одземен имот.