Пресудата следува по речиси две години судење за предметот во кои Обвинителството тврди дека имало измама и перење пари
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска ќе се изрече пресудата за случајот „Меѓународен сојуз“ во кој првообвинет за измама и перење пари е Бојан Јовановски-Боки 13 кој беше претседател на истоимената невладина организација.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го поднесе обвинението пред повеќе од две години (3 јануари 2020), а судот го одобри по речиси пет месеци (12 мај 2020), додека судскиот процес започна во јули истата година.
Судскиот процес ќе го води судечки совет составен од двајца поротници и судијката Софче Гаврилова-Ефремова која беше втор судија во случајот „Рекет“.
Обвинителството тврди дека двајцата бизнисмени Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси и дале речиси еден милион евра – Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евро.
На обвинителна клупа изминатите речиси две години со Јовановски седеа и заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Ерцеговиќ и асистентката на Боки, Христина Блажевска, кои се товарат за помагање во делата што ги извршил првообвинетиот.
Меѓу обвинетите е и поранешната пратеничка од СДСМ, Фросина Ременски, која се гони за помагање во делото измама. Како петтообвинет во случајот е таткото на Боки, Миле Јовановски, за кого, пак, обвинителството тврди дека помагал во кривичното дело перење пари, а се гони и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација Меѓународен сојуз.
Обвинетите, пак, во текот на целиот судски процес ги отфрлаа обвинувањата и тврдеа дека станува збор за реални проекти, а не за измама. Јовановски во своите заврши зборови рече дека тие биле измамени од политичарите и злоупотребени од власта.
