„Го немаме луксузот да бидеме рамнодушни и да молчиме, како што молчат оние што беа должни да го спречат овој инцидент“, порачаа екоактивистите на протестот пред Министерството за животна средина поради хаваријата во Тораница

Група екоактивисти на денешниот протест пред Министерството за животна средина порачаа „Крива Река не ви е крива“ и побараа одговорност за загадувањето на реката што се случи по хаваријата во рудникот Тораница, управуван од компанијата „Булмак 2016“.
Присутните побараа и увид во анализите на водите, како и мерки за заштита на водоснабдувањето во регионот.
„Пукната цевка од рудникот ја загади Тораничка Река, која потоа се влева во Крива Река, па на видеоснимките од локалните жители можевме да ја видиме реката низ која наместо вода, изгледа како да тече бетон. Го немаме луксузот да бидеме рамнодушни и да молчиме, како што молчат оние што беа должни да го спречат овој инцидент“,
рече Ивана Дракулевска од „Зелен хуман град“.
Активистите испратија уште едно барање – да се покрене истрага за надлежните лица во институциите кои, според нив, морале да си ја завршат работата согласно законот, а тоа не го направиле.
Дејан Димитровски од „Зелените од Гази Баба“ апелираше до властите да ги тргнат рацете од животната средина.
„Увидовме дека има пропусти. Кратко би апелирал до сите претходни влади и оваа сега да ги тргнат рацете од животната средина, затоа што тоа е нешто најважно, граѓаните го заслужуваат и по устав. Тргнете ги бизнис интересите од здравјето на граѓаните. Поминаа 30 години, ние секоја година излегуваме на улица се бориме за здравјето на граѓаните но нема никакви резултати“,
рече Димитровски.
Од иницијативата „о2“ велат дека и инспекцискиот совет потврдил дека инспекторите кои биле утрото по инцидентот во Тораница не зеле мостри. Побарале и да се испита и јаловишната брана која, според нивните информации, немала одобренија и претставувала висок ризик.
„Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини одговори веднаш дека ќе постапат по претставката и ќе нè известат. Дали ќе следи дисциплинска или ќе има друга одговорност, ќе следиме како ќе се постапи и кој ќе биде исходот“,
велат од „о2“.
Загадувањето на Крива Река се случи по хаваријата во рудникот Тораница, управуван од компанијата „Булмак 2016“. Основното јавно обвинителство Куманово започна истрага за да ја утврди причината и последиците. Истрагата потоа ја презеде Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).