Ако надлежните органи немаат капацитет и ресурси да го откријат нелегално стекнатиот имот кој треба да биде и конфискуван, тогаш системот не може да ја испрати порака дека криминалот не се исплати, е една од пораките што произлегуваат од истражувањето на Коалицијата „Сите за правично судење“
Конфискација на имотот на осудени лица е предвидена во законите, но во пракса е сериозен предизвик за македонските судии и обвинители. Потребно е да се изедначи терминологијата, да се направи разграничување помеѓу конфискација и одземање предмети наменети за извршување или кои произлегуваат од кривично дело. Капацитетите на јавните обвинители треба да се зајакнат, исто како и на судиите, за да може правилно да се идентификува имотот што треба да се заплени.
Ова се само дел од слабите точки што ги детектира истражувањето на Коалицијата „Сите за правично судење“ објавено под наслов „Практичната примена на мерката конфискација во кривичните постапки во Република Северна Македонија“.
Заклучоците во истражувањето се производ на едногодишно набљудување на кривични судски предмети што се водат во 11 суда. Коалицијата „Сите за правично судење“ проследила 800 рочишта од 204 предмети. Исто така, бил извршен и увид во правосилно завршени предмети во Основниот кривичен суд во Скопје, кој бил единствениот што донел одлуки за конфискација. За период од 5-6 години биле донесени 45 такви пресуди, а увид бил направен во 30 од нив кои биле достапни во текот на истражувањето.
Јавните обвинители ретко бараат конфискација?
Во 30 предмети во кои бил направен увид, конфискацијата се движела од 240 000 до 14,5 милиони денари (4 000 до 240 000 евра). Еден од проблематичните аспекти што се констатира во овој дел е што нема изречни одредби кои предвидуваат дали јавниот обвинител е должен да поднесе предлог за конфискација или судот е тој што е должен да донесе таква одлука независно од тоа дали обвинителот барал или не.
„Од вкупно 30 предмети, во само 9 од нив јавните обвинители истакнале некаков предлог за конфискација на имот во склоп на самото обвинение, или пак усно на главната расправа, што значи дека во 21 предмет јавните обвинители целосно ја препуштиле ваквата одлука на судот. Ова може да биде проблематично доколку судот, пак, толкува дека согласно новата адресаријална постапка истиот не може самоиницијативно да донесе одлука по определено прашање, па така судот може да одлучи за примена на санкција или мерка само доколку за тоа постои основан предлог од овластен тужител, односно јавен обвинител или приватен тужител“,
пишува во истражувањето на Коалицијата.
Од тие причини, поради недоразбирањата и различните толкувања на законите, констатираат набљудувачите, може да испушти изрекување на конфискацијата дури и таму каде што таа е неопходна.
Нема капацитети за ефикасна финансиска истрага?
Уште едно прашање кое се отвора од набљудувањето на 30-те предмети за кои се донесени пресуди, е дали органите имаат доволно капацитет да спроведат ефикасна финансиска истрага што, пак, го отвора патот имотот стекнат со криминал да си остане кај сторителите.
Коалицијата констатира дека во 13 од предметите, вредноста на конфискуваниот имот е идентична со висината на стекната имотна корист, додека во 8 предмети таа е дури и помала.
„Оттука може да се заклучи дека во практика постојат случаи каде што органите на прогонот не можат да го пронајдат целиот незаконски стекнат имот со кривичното дело, поради што определена корист сепак останува на располагање на обвинетото или нему блиски лица. Ваквата неефикасност во кривично-правниот прогон не ја испраќа посакуваната порака дека криминалот не се исплати и не овозможува соодветни услови за борба со финансиски мотивираниот криминал, а особено организираниот криминал и корупција“,
пишува во истражувањето.
Останатите 9 предмети од 30-те анализирани, пак, се случаи во кои воопшто не била утврдена висината на стекнатата имотна корист, причинетата штета, а со тоа и вредноста на имотот што би требало да се конфискува.
Ова, велат од Коалицијата, може да е индикатор дека нема доволно капацитети за спроведување на ефикасна и координирана финансиска истрага со која би се лоцирал криминално стекнатиот имот.
Истиот проблем со недостаток на ресурси и капацитети вчера го адресирала и обвинителката Ленче Ристоска, која учествуваше на вчерашната дебата на која се презентираше истражувањето.
„За мене како обвинител е навистина поразителен фактот што ние и покрај сите напори што ги вложуваме, не успеваме да дојдеме ниту до пет проценти од имотната корист за која имаме сомненија дека можеби е незаконски стекнат. За поефикасно адресирање на овие прашања е потребен системски пристап и поголема поддршка со ресурси – финансиски, опрема и човечки“,
рече Ристоска.
Истражувањето упатува и на тоа дека посебен предизвик е да се зајакне примената на конфискацијата во случаите што се поврзани со организиран криминал и корупција бидејќи од 30-те само седум се од оваа област.