Иако, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, земјава има најлош пласман во регионот, сепак, од државите од Западен Балкан, подобар пласман од Северна Македонија има Црна Гора, додека Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово се со полош резултат
Наместо во ЕУ, земјава отиде во друштво на Суринам, Индија и Тунис, зашто криминалот и корупцијата станаа заштитен знак на премиерот Ковачевски и на неговиот коалициски партнер Ахмети.
Вака портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, ја коментира 85. позиција на Северна Македонија на ранг-листата на „Транспаренси интернешнал“, според индексот на перцепција на корупција, каде што земјава бележи напредок од два поена во споредба со 2021 година.

„Криминалот и корупцијата станаа заштитен знак за премиерот со бизниси во енергетика и фирми чие броило се зголемува додека салдото на граѓаните се намалува и народот осиромашува. Ахмети од Зајас живее како султанот од Брунеи во тврдина со ѕидови и капии од каде што не се гледа колку народот е сиромашен. Ова е срам за владата за која е сигурно дека е најлошата и којашто треба да си замине час поскоро“,
кажа портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на денешната прес-конференција.
Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако „Транспаренси интернешнал“ ги објави резултатите од Глобалниот индекс за перцепција на корупција во 180 земји во светот, според кој Северна Македонија бележи напредок од еден поен и скок за две позиции во однос на 2021, година кога земјава беше на 87. позиција.
Иако според опозициската ВМРО-ДПМНЕ земјава има најлош пласман во регионот, сепак, од државите од Западен Балкан подобар пласман од Северна Македонија има Црна Гора (45 поени и 65. место), додека Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово се со полош резултат.