„Ефикасноста изнесува 67,2 проценти, што, исто така, претставува највисоко ниво во истиот период. Овие резултати имаат многу подлабоко значење од самата статистика. Тие се порака дека законот мора да важи подеднакво за сите. Дека државата нема да отстапи пред криминалот“, рече Тошковски во своето обраќање на свеченоста во кругот на МВР
„Не сме овде за да уживаме во привилегии, туку за да носиме одговорност. Лидерството не е титула, туку обврска и пример. Секоја институција се гради долгорочно со јасна визија, со трпение и со правилни одлуки. Можеби не секогаш вистинските луѓе се на вистинските места и во вистинските моменти, но ако системот е здрав и вредностите се јасни, и ако критериумите се професионални, тие луѓе ќе дојдат онаму каде што припаѓаат“, порача директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев
Македонската полиција денеска го одбележува својот ден – 7 Мај, а по тој повод во кругот на Министерството за внатрешни работи (МВР) се одржа свеченост, на која пред присутните полициски службеници и гости се обратија министерот Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев.

Двајцата го истакнаа значењето што го има полицијата за сигурноста на граѓаните, ставајќи акцент на резултатите што таа ги постигнала во изминатите две години.
Тошковски во своето излагање наведе дека силата на една држава се гледа преку силата на нејзините институциите, и кога тие функционираат, рече, граѓаните имаат чувство на сигурност, доверба и ред.
Според ресорниот министер, улогата на македонската полиција, денес е исклучително значајна, бидејќи живееме во време на комплексни предизвици и нови закани кои не познаваат граници.
Државата, рече Тошковски, во изминатиот период демонстрирала капацитет да се справи со криминалот, а тоа го покажува и статистиката за минатата година, според која е забележано намалување на вкупниот криминалитет за повеќе од шест проценти.
Во таа насока тој посочи дека во овој период се сузбиени 16 криминални групи во кои дејствувале 205 лица, а значајни резултати се постигнати и во борбата против корупцијата и случаите од висок профил, каде се сузбиени четири криминални групи.
„Особено е значајно што вкупниот криминалитет бележи намалување и е на најниско ниво во последните 20 години. Ефикасноста изнесува 67,2 проценти, што, исто така, претставува највисоко ниво во истиот период. Овие резултати имаат многу подлабоко значење од самата статистика. Тие се порака дека законот мора да важи подеднакво за сите. Дека државата нема да отстапи пред криминалот. Дека институциите повторно мора да бидат посилни од оние кои мислат дека се над законот“,
рече министерот за внатрешни работи.
Тој се осврна и на модернизацијата на полицијата. Во оваа смисла, Тошковски соопшти дека се реновирани управните служби во Скопје, дека се отворени осум нови и дека се воведуваат дигитални решенија за побрзи услуги.
Говорејќи, во тој контекст, министерот најави нови инфраструктурни проекти, меѓу кои нова полициска станица во Аеродром и објектот на полицијата во Бутел, кој веќе е пуштен во употреба.
Тошковски посочи и дека по повеќе од 15 години се набавени 120 нови современи службени возила, а од оваа година со работа ќе почне и Средното полициско училиште, што министерот го оцени како инвестиција во иднината на македонската полиција.
Посебен акцент беше ставен на безбедноста во сообраќајот и на проектот „Безбеден град“, кој, според министерот, веќе дава конкретни резултати со намалување на прекршоците и бројот на жртви.
„Безбедноста е предуслов за нормално функционирање и развој на секое општество. Кога има безбедност, има доверба, има инвестиции, има слобода и има простор државата да оди напред“,
рече Тошковски.
Во своето обраќање министерот истакна дека 7 Мај е ден посветен на сите полициски службеници, кои секојдневно, одговорно и професионално стојат во заштита на безбедноста на граѓаните, а упати и почит кон загинатите припадници на полицијата нагласувајќи дека нивната жртва претставува трајна обврска за институцијата.

Порака за професионализам, одговорност и бескомпромисна борба против криминалот упати и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
Тој истакна дека полициската професија не завршува со работното време и дека секој полициски службеник ја носи одговорноста да постапува чесно, професионално и во најтешките моменти. Потсети дека корените на македонската полиција се длабоко поврзани со историските стремежи за слобода, ред и заштита на народот.
Говорејќи за современите безбедносни предизвици, тој предупреди дека криминалот денес е технолошки напреден, адаптивен и агресивен, но дека државата води системска и одлучна борба против криминалните структури.
„Водиме одлучна, системска и бескомпромисна борба против криминалните групи во сите области. Системски дејствуваме врз нивните структури, нивните врски, нивната логистика и нивниот капитал. Пораката е недвосмислена – никој не е над законот, без селективност, без привилегии и без компромис.“,
рече Јанев.
Директорот на БЈБ, говорејќи за улогата на полициските службеници, ги нарече тивка сила на државата, додавајќи дека секое нивно постапување е начин на кој граѓаните ја гледаат и вреднуваат државата.
„Од вас зависи угледот на полицијата. Од вас зависи довербата на граѓаните. Од вас зависи чувството на сигурност во заедницата“,
порача Јанев.

Говорејќи за тековната реорганизација во системот, тој истакна дека секоја сериозна институција се гради долгорочно и дека професионалците секогаш го наоѓаат своето место. Обраќајќи се до полицискикте службеници, тој се осврна и на носителите на раководни позиции, на кои им порача дека лидерството не е титула, туку обврска и пример.
„Почитувани раководители вие треба да сте примерот преку кој вработените ја препознаваат институцијата, вие треба да сте мотивот што ги движи луѓето. Вие сте една од основите врз кои граѓаните ја градат својата доверба. Но, запомнете позициите не се вечни. Денес сме таму за да служиме, да дадеме најдобро од себе, да изградиме систем, да оставиме вредност зад себе. Не сме овде за да уживаме во привилегии, туку за да носиме одговорност. Лидерството не е титула, туку обврска и пример.
Секоја институција се гради долгорочно со јасна визија, со трпение и со правилни одлуки. Можеби не секогаш вистинските луѓе се на вистинските места и во вистинските моменти, но ако системот е здрав и вредностите се јасни, и ако критериумите се професионални, тие луѓе ќе дојдат онаму каде што припаѓаат. Не откажувајте се. Надградувајте се. Работете. Верувајте во сопствениот труд. Оваа служба секогаш остава простор за раст за оние што имаат знаење, карактер и посветеност“,
рече директорот на Бирото за јавна безбедност, кој обраќајќи им се на полициските службеници направи споредба со градењето на неговата кариера во МВР, која ја започнал како приправник.

На свеченоста по повод Денот на полицијата, меѓу другите гости, присуствуваа директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за здравство Азир Алиу, државниот јавен обвинител Ненад Савески, како и шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.
Во рамките на свеченоста им беа доделени награди на најдобрите полициски службеници од повеќе сектори во Министерството за внатрешни работи (МВР).
