Најави дека во следниот период ќе бидат употребени повеќе методи за набљудување на депонијата, како и зголемено полициско присуство, со цел откривање евентуални потпалувачи бидејќи, според него, необјасниво е како се зголемува чадењето откако претходно се интервенирало и огнот драстично е намален
Припадници на криминалистичката полиција во моментов вршат службени разговори со вработени во ЈП „Дрисла“, со цел да ги утврдат причините за пожарот на депонијата. Ова денеска го изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на прес-конференција токму во близина на депонијата „Дрисла“, откако три дена по пожарот на „Дрисла“, таму сè уште чади, поради што скопјани се гушат од загаден воздух.
Според него, чадењето од депонијата е активно и денеска, но е значително намалено за разлика од претходните денови. Делот каде што се одвива чадењето е делумно затрупан, се работи со механизација, но, како што додаде, просторот е тесен и не дозволува проод на повеќе машини.

Според информациите со кои располага, Ангелов вели дека имало најмалку уште три обиди за палење на депонијата, кои, како што додаде, за среќа биле брзо изгаснати.
„Од тие причини денеска побарав припадници на криминалистичката полиција да влезат во депонијата и да поразговараат со вработените и да дојдат до релевантни информации околу можни причинители на пожарот на депонијата. Припадниците на криминалистичката полиција моментално се внатре во депонијата, не зборуваме за конкретно осомничен, туку ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин, зашто се работи за запаливи гасови, да го подметне пожарот“,
кажа Ангелов.
Најави дека во следниот период ќе бидат употребени повеќе методи за набљудување на депонијата, како и зголемено полициско присуство, со цел откривање евентуални потпалувачи бидејќи, според него, необјасниво е како се зголемува чадењето откако претходно се интервенирало и огнот драстично е намален.
Посочи дека во околината на депонијата ќе има засилено полициско присуство, повеќе патроли, а ќе употребат и други методи на набљудување на самата депонија за откривање на евентуални потпалувачи.
Во текот на вчерашниот ден дејствувала механизација, по што некаде околу 18 часот чадењето е драстично намалено. Но, околу 21 часот часот силно се зголемило оти веројатно имало засилено горење.
„Зборувам за чадење, а не за горење. Видлив оган на депонијата нема, туку се работи за чад што излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси што се одвиваат на депонијата, каде што се слева исцедокот од депонијата“,
вели директорот на ДЗС.
До вечер очекува дека делот каде што гори, целосно ќе биде затрупан, но ако тоа не се случи утре ќе им помогнат возила на „Бехтел и Енка“.
Според него, депонијата е на површина од околу 85 хектари, но делот на влезот е заграден, додека другиот дел од каде произлегува чадот е апсолутно необезбеден.
„На депонијата заграден е делот само кај влезот и затоа се има перцепција дека таа е оградена и обезбедена, но таа перцепција е погрешна. Останатиот дел од каде произлегува часот е апсолутно необезбеден и има повеќе камери, но се сомневам дека се функционални, особено тие во задниот дел од депонијата“,
изјави тој.
Од тие причини, додаде дека депонијата е лесно достапна за злонамерници што би сакале да подметнат или да го продолжат веќе постоечкиот пожар.
Од депонијата „Дрисла“ денеска апелираа до МВР да ги пронајде и санкционира потпалувачите на пожарите.